Nazir Aliyev Tayfur
03 Јуни 2022•Ажурирај: 06 Јуни 2022
КИЕВ (АА) - Украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека ќе бидат победници во војната што Русија ја започна со напад на неговата земја, јавува Агенција Анадолија (АА).
Украинците 100 дена ја бранат својата земја од руските напади, а по тој повод Зеленски објави порака од 36 секунди стоејќи пред зградата на претседателскиот кабинет во Киев.
Тој беше придружуван од претседателот на партијата Слуга на народот на Украина, Давид Арахамија, портпаролот на претседателскиот кабинет Андреј Ермак и советникот на претседателот Михаил Подољак.
„Нашиот тим е многу поголем. Украинските вооружени сили се тука. Најважно е што нашиот народ, народот на нашата земја е тука. Сто дена ја браниме Украина. Победата е наша“, рече Зеленски.
Според проценките на Обединетите нации (ОН), најмалку 4.113 цивили загинале, а 4.916 се ранети во Украина од почетокот на војната на 24 февруари. Се верува дека вистинскиот број е многу поголем.
Повеќе од 6,8 милиони луѓе ја напуштиле Украина во други земји, додека над 7,7 милиони се внатрешно раселени, според Агенцијата за бегалци на ОН.