Emre Karaca
06 Септември 2019•Ажурирај: 08 Септември 2019
РИО ДЕ ЖАНЕИРО
Во бразилскиот град Рио де Жанеиро се одржаа демонстрации против политиката што Владата ја води за животната средина во Амазон, јавува Anadolu Agency (AA).
Според вестите објавени во локалните медиуми, демонстрациите во Рио де Жанеиро се организирани во знак на протест против политиките за животната средина на претседателот Жаир Болсонаро и на бразилската Влада со кои им се отвора пат на пожарите кои продолжуваат во амазонските шуми. На протестот учествуваа голем број луѓе, меѓу кои и претставници на невладиниот сектор и жители на Амазон.
Дел од демонстрантите на своите лица имаа ставено маски со ликот на Болсонаро и Рикардо Салес, бразилскиот министер за животна средина и со тестери во рацете, на симболичен начин го заживеаја протестот против сечењето дрвја, а некои носеа маички на кои беше испишано „Бори се за Амазон“.
На демонстрациите учествуваше и Андре Барбоса, лидерот на синдикатот во кој членуваат вработените од бразилското Министерство за животна средина, кој изјави дека со секој изминат ден ослабнуваат законите со кои Владата ја заштитува животната средина и се игнорира нејзиното значење.
Бразилскиот претседател Болсонаро, во изјавата што ја даде во текот на неделата информираше дека поради операција нема да може да учествува на Самитот кој денеска се организира во Колумбија, со цел да им се стави крај на пожарите во Амазон.
- Во Бразил за една година бројот на пожари е зголемен за 83%
Бразилскиот национален Институт за вселенски истражувања (INPE) соопшти дека во Бразил, каде што се наоѓаат најголемите дождовни шуми во светот, за една година избувнале 72.000 шумски пожари.
Според податоците на Институтот, шумските пожари во Бразил се наоѓаат на највисоко ниво во последните шест години. Во однос на минатата година, забележан е раст од 83%. Покрај тоа, во текот на една недела избувнале околу 10.000 шумски пожари кои негативно се одразиле врз заштитените зони и домородците.
- Болсонаро ги обвини невладините организации за животна средина
Претседателот Болсонаро имаше изјавено дека зад шумските пожари во земјата можно е да стојат невладините организации за животна средина.
Болсонаро, во врска со пожарите во Амазон изјави: „Можно е невладините организации за животна средина да се вмешани во криминална активност, со цел да се сврти вниманието кон мене и кон Владата на Бразил. Не тврдам, но можно е, тоа е една веројатност.“
- Влијанието на Болсонаро врз уништувањето на шумите
Невладините организации истакнуваат дека во зголеменото уништување на амазонските шуми голема улога игра Владата на Болсонаро, која ги занемарува превентивните мерки, како што се паричните казни за незаконското земјоделство и рударство во заштитените подрачја.
Болсонаро, пред претседателсктие избори изјави дека заштитата на Амазон претставува пречка за развојот на државната економија, давајќи збор дека тоа подрачје ќе го отвори за комерцијална употреба.
Болсонаро кој беше лут на извештаите на Институтот за вселенски истражувања, тврдеше дека тие извештаи го дискредитираат угледот на земјата и дека споменатиот Институт не е на Бразил, туку дека тој работи за потребите на некои невладини организации.
Кусо по ова, Рикардо Галвао, претседателот на Институтот, поднесе оставка од должноста, а како причина за оставката имаше наведено „неодржлива состојба“.