Fatih Hafız Mehmet
06 Септември 2019•Ажурирај: 07 Септември 2019
ЛОНДОН (AA) – Велика Британија и Франција доцна синоќа ја критикуваа неодамна објавената намера на Иран додатно да го намали нивото на усогласеноста со Договорот за нуклеарената програма од 2015 година, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Иранскиот план за запирање на ограничувањето во нуклеарното истражување и развој, длабоко е загрижувачки“, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи на Велика Британија.
„Овој трет чекор е оддалечување од своите обврски во рамките на Договорот за нуклеарната програма; особено е разочарувачки во време кога ние и нашите европски и меѓународни партнери напорно работиме на намалувањето на напнатоста со Иран“, се истакнува во соопштението.
Во одделна објава Агнес вон дер Мухл, портпаролка на Министерството за надворешни работи на Франција, нагласи дека Иран треба да се воздржи од преземање конкретни активности кои нема да бидат во согласност со неговите обврски и кои можат да им наштетат на напорите за ублажување на тензиите.
Мухли најави дека заедно со партнерите и Меѓународната агенција за атомска енергија ќе разговараат за иранската најава.
Во средата иранскиот претседател Хасан Рохами рече дека неговата земја наскоро ќе го преземе третиот чекор во намалување на своите обврски во рамките на Договорот за нуклеарната програма.
Договорот за нуклеарната програма кој го постигнаа Иран од една, и Кина, Франција, Германија, Русија, Велика Британија, Соединетите Американски Држави и Европската Унија (ЕУ) од друга страна, на Техеран му овозможи укинување на санкциите во замена за ограничување на неговата нуклеарна програма.
Иран сега инсистира на тоа дека Европа мора да му даде дополнителна економска поддршка доколку сака да го спаси Договорот, откако САД во мај 2018 година се повлекоа и воведоа санкции на Техеран.