Ekipa
03 Јануари 2017•Ажурирај: 03 Јануари 2017
САНТО ДОМИНГО (АА) - Властите соопштуваат дека најмалку 56 затвореници во Бразил се убиени, а десетици се во бегство по немирите во затвор во северната држава Амазон, јавува Anadolu Agency (AA).
Немирите што избувнаа меѓу две ривалски банди во неделата навечер, во пренатрупаниот затворски комплекс Анисио Јобим во градот Манаус, зад себе оставија големо крвопролевање, истакна секретарот за јавна безбедност на државата, Серхио Фонтес.
„Многумина се обезглавени и сите претрпеле големо насилство за да им се испрати порака на непријателите“, рече Фонтес на прес-конференција, јавуваат локалните медиуми.
Во меѓувреме, 72 затвореника избегаа во неделата од Антонио Триндаде, друг затвор во градот.
Немирите почнале кога членови на локалната фракција на Северното семејство (FDN) ги нападнале затворениците што припаѓаат на групата наречена Прва команда на Капитал (РСС), по потекло од Сао Паоло. Групите уште од минатата година се борат за превласт во неколку затворски комплекси во оваа јужноамериканска земја.
Затворениците зедоа 12 официјални лица како заложници, но постепено сите беа ослободени неповредени, освен еден, кој бил однесен во болница откако бил погоден од куршум.
Судијата Луис Карлос Валоа, кој излезе на местото на настанот за да преговара да завршат немирите, изјави дека бил во шок кога ги видел сликите на распарчени тела, ставени на куп, осакатени и обезглавени.
„Никогаш не сум видел нешто слично во мојот живот. Сликите од органи и крв сѐ уште се во мојата глава. Сè уште сум во шок“, рече тој.
„Во текот на преговорите, затворениците бараa само да не бидат префрлени во друг затвор и да го задржат правото на посета. Тоа не беше бунт за да се добие подобрување на затворскиот систем, туку конфликт за моќ и контрола“, објасни Валоа.
Во затворот Анисио Јобим моментално има 2.230 затвореници, а капацитетот на установата е само 590 лица.