Şenhan Bolelli
21 Декември 2018•Ажурирај: 21 Декември 2018
МАДРИД (АА) - Во Барселона денес се одржува седница на Владата на Шпанија, а по тој повод каталонските сепаратистички организации повикаа на протест во рамките на кој од утринава се блокирани 20 градски улици. За безбедноста во Барселона денес се задолжени 9.000 припадници на безбедносните сили, јавува Anadolu Agency (AA).
Со седницата на Владата во Барселона денес претседава Педро Санчез. На протести во Барселона повика организацијата под името Комитет за одбрана и независност (CDR), која стана позната по насилството во просепаратистичките протести во Барселона.
Демонстрантите со блокада на улиците настојуваат да ја пресечат Барселона со околните градови. Во склоп на протестите делумно се затворени влезовите во пристаништата „Барселона“ и „Тарагона“, како и на аеродромите „Ел Прат“ и „Реус“.
Потврдено е исто така дека поради протестите не сообраќаат автобуските компании на релација Барселона - Андора.
Освен невладините организации, протестот во Барселона го поддржаа и студентите кои од утринава ги бојкотираа предавањата. Студентите порачуваат дека одлуката на Владата на Шпанија да одржи седница во Барселона претставува провокација за Каталонија.
Одредени синдикати исто така за денес го најавија двочасовниот штрајк.
Седницата на Владата на Шпанија ќе биде одржана во зградата по името Љотја де Мар, а пред зградата исто така се најавени мирни протести.
Во Барселона се преземени високи безбедносни мерки по повод протестите, а за безбедноста се задолжени најмалку 9.000 припадници на шпанската полиција и жандармерија, како и припадниците на локалната полиција во Каталонија. Се наведува дека ова е прв пат шпанската национална полиција и каталонската да работат заедно.
Шпанскиот премиер Санчез синоќа допатува во Барселона и одржа состанок со претседателот на каталонската Влада, Ким Тора. По состанокот е соопштено дека е донесена одлука за започнување конструктивен дијалог за пронаоѓање демократско решение за каталонското прашање.
Претставниците на шпанската опозициска Народна партија го осудија овој состанок.
Лидерот на партијата, Пабло Касадо, изјави дека е срамотно што Санчез одржал состанок со Тора, како тој да е претседател на друга држава.
Минатата година, каталонските власти одржаа илегален референдум, а потоа прогласија независност која не наиде на меѓународна поддршка.