Diyar Güldoğan
21 Декември 2018•Ажурирај: 22 Декември 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, денес изјави дека Анкара ја поздравува одлуката на САД за повлекување на своите трупи од Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ја поздравуваме одлуката на САД за повлекување од Сирија“, изјави Чавушоглу за време на заедничката прес-конференција со малтешкиот колега, Кармело Абела, во главниот град Валета.
„Турција целосно го поддржува територијалниот интегритет на Сирија“, додаде тој.
Чавушоглу понатаму нагласи дека Турција долги години се борела против ДЕАШ.
„Веруваме дека ДЕАШ е поразен, но ние сè уште треба да бидеме многу внимателни, затоа што ДЕАШ и другите радикални групи се сè уште на терен“, изјави тој.
Чавушоглу, исто така, изјави дека тој и другите официјални претставници се сè уште во контакт со официјалните претставници на САД на различни нивоа во врска со ова прашање.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, во средата им нареди на американските сили во Сирија да се повлечат од земјата, велејќи дека поразот на ДЕАШ била неговата единствена причина да биде во земја уништена од војната.
САД ја започнаа својата воздушна кампања во Сирија во 2014 година, распоредувајќи ги трупите во земјата за да помогнат во борбата против ДЕАШ заедно со локалните партнери една година подоцна.
Извештаите велат дека американските сили ќе заминат во рок од 60 до 100 дена.