Elvir Hociç
15 Април 2018•Ажурирај: 16 Април 2018
ЛОНДОН (АА) - Шефот на британската дипломатија, Борис Џонсон, денес изјави дека западните сили ќе ги разгледаат опциите доколку сириската влада повторно употреби хемиско оружје, но дека во моментов нема план за нови напади во Сирија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во петокот вечер, американските, француските и британските сили изведоа ракетни напади врз три упоришта на сирискиот режим, во знак на одмазда по минатонеделната употреба на хемиско оружје во нападот врз цивилите во Дума.
Челниците на трите држави тврдат дека нападите биле ограничени на сириските постојки за хемиско оружје, и дека нивната цел не била да го соборат Асад или да интервенираат во граѓанската војна.
Говорејќи на британскиот телевизиски канал BBC (Би-би-си), шефот на британската дипломатија ја поддржа одлуката на премиерката Тереза Меј за учество во нападите, истакнувајќи дека тоа бил вистинскиот потег за да се спречи понатамошната употреба на хемиско оружје.
„Во моментов не постојат предлози за нови напади бидејќи Асадовиот режим не е толку глупав да почне уште еден напад со хемиско оружје. Ако се случи тоа, тогаш со сојузниците ќе ги разгледаме опциите“, рече Џонсон.
Неговите зборови се во согласност со изјавата на американската амасадорка во Обединетите нации (Он), Ники Хејли. Таа, на вонредниот состанок на Советот за безбедност на ОН рече дека претседателот Доналд Трамп ѝ кажал дека САД се подготвени да „пукаат“ доколку сирискиот режим повторно употреби отровен гас.