Ahmet Gençtürk
28 Мај 2024•Ажурирај: 29 Мај 2024
АТИНА (АА) - Високиот комесар за надворешни работи и безбедност на Европската Унија (ЕУ), Жозеп Борел, денес изјави дека сите членки на Обединетите нации (ОН), вклучително и Израел, мора да ги почитуваат одлуките на Меѓународниот суд на правдата (МСП), јавува Анадолу.
„Сите членки на ОН се обврзани да ги почитуваат одлуките на МСП“, рече Борел на прес-конференцијата одржана во Брисел по состанокот на Европската политичка заедница.
Тој додаде дека израелскиот напад во неделата врз бегалскиот камп во Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, ја докажа потребата од имплементација на наредбата на МСП со која се бара Израел да ја запре својата воена офанзива на овој град.
Борел, исто така, рече дека нападите и одземањето земјиште од страна на екстремистичките израелски доселеници на Западниот Брег, како и политиката на израелската Влада, го поткопуваат решението за две држави што ЕУ силно го поддржува.
„Отсега натаму никогаш нема да кажам Израел, ќе кажам Владата на Нетанјаху, бидејќи таа е Владата која носи одлуки коишто би можеле да ја убијат палестинската власт. Земјите од ЕУ ја постигнаа неопходната едногласност за свикување на Совет за асоцијација со Израел за да разговараат за ситуацијата во Газа и почитувањето на човековите права“, рече Борел.
Тој предложи ЕУ да ја комбинира Меѓународната мировна конференција со предлогот на арапските земји да се одржи меѓународна конференција за тоа како да се спроведе решението за две држави.
Борел, исто така, откри дека министрите на Унијата се согласиле повторно да ја активираат Мисијата за гранична помош на Европската Унија во Рафа (ЕУРАМ).