Dildar Baykan
08 Октомври 2017•Ажурирај: 09 Октомври 2017
АНКАРА (АА) - Изгладнети и жедни Рохинџа муслиманите кои бегаат од армијата во Мјанмар и од будистичките екстремисти на границата со Бангладеш се соочуваат со голем број на болести, јавува Anadolu Agency (AA).
Европскиот совет за Рохинџа муслиманите (ERC) соопшти дека на брегот на Наиконг Дијa во Aракан, три илјади луѓе кои веќе неколку дена не јаделе ништо, чекаат можност да преминат во Бангладеш.
Муслиманите од Aракан кои немаат доволно пари да ја платат премин со брод во соседната земја, остануваат во пограничниот регион каде што се соочуваат со разни болести, а особено децата кои пијат загадена вода.
Во соопштението на Европскиот совет за Рохинџа муслиманите се истакнува дека многу бремени жени се породиле во нехигиенски услови и дека секојдневно сè повеќе се разболуваат.
Во видеото објавено на социјалните мрежи, еден човек од Аракан говори за судбината што им се случила.
„Тиранијата во Мјанмар нè остави без покрив над главите. Децата умираат", рече човекот кој го испрати повикот за помош.
Тој додаде дека тие не можат да ја напуштат областа каде што се наоѓаат, а немаат ниту храна. Тој посочи дека пијат морска вода и дека тоа е причина за болести.
Меѓутоа, како што известуваат медиумите во Бангладеш, повикувајќи се на изјавите на медицинските работници, 18.523 бремени жени од Aракан и 42.541 деца имаат сериозни здравствени проблеми.
Состојбата на дури 441 бремени жени во Аракан е критична.
Од 25 август, кога војската на Мјанмар под изговор за борба против вооружените милитанти во Aракан започна акции против цивилите, убиени се илјадници муслимани.
Бидејќи не е дозволено да влезат или да ја напуштат областа, не е можно да се утврди точниот број на жртви.
Во последните напади, армијата и екстремистите уништија повеќе од 200 села.