Michael Hernandez
09 Октомври 2017•Ажурирај: 09 Октомври 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот потпретседател Мајк Пенс го напушти вчерашниот натпревар во Националната лига на американскиот фудбал (NFL), бидејќи некои од играчите во знак на протест беа клекнати за време на изведувањето на националната химна, пренесува Anadolu Agency (AA).
Пенс го напушти натпреварот меѓу Indianapolis Colts (Индијанаполис Колтс) и San Francisco 49ers (Сан Франциско фортинајнерс), веднаш по изведувањето на националната химна, по што преку соопштение наведе дека претседателот Доналд Трамп и тој „нема да покажат почит кон ниеден настан на којшто не се испочитувани нивните војници, знамето или химната“.
„Иако секој има право на свое мислење, јас не мислам дека е премногу да се бара од играчите во NFL да ги почитуваат знамето и националната химна“, се вели во соопштението што го објави Белата куќа.
Американскиот претседател Доналд Трамп подоцна на „Твитер“ објави дека од Пенс барал да не присуствува на места каде што играчите не ја почитуваат нивната земја.
Ваквиот начин на протест кој започна минатата година, да се клечи за време на изведувањето на националната химна, е во знак на борбата против полициското насилство над расните малцинства.
Националната химна во САД се изведува пред секој фудбалски натпревар, но и пред повеќето други спортски настани.