Sayed Khodaiberdi Sadat
16 Април 2021•Ажурирај: 17 Април 2021
КАБУЛ (АА) - Државниот секретар на Соединетите Американски Држави (САД), Ентони Блинкен, кој оствари ненадејна посета на Кабул, главниот град на Авганистан, изјави дека по повлекувањето на странските сили од Авганистан, нема повторно да има граѓанска војна, јавува Агенција Анадолија (АА).
Блинкен на прес-конференција истакна дека народот во Авганистан повеќе не сака војна и дека сите сакаат мир.
Истакнувајќи дека ќе продолжат да ги поддржуваат авганистанските владини сили, Блинкен рече дека талибанците треба да знаат дека одлуките за напуштањето на политичкиот процес за решавање на проблемите никогаш нема да бидат правилни и одржливи.
Блинкен додаде дека по повлекувањето на американските трупи од земјата, нивната помош за Авганистан ќе продолжи.
Посочувајќи дека нема да има граѓанска војна како во 1990-тите години откако странските сили ќе ја напуштат земјата, Блинкен рече дека никој не треба да се грижи за ова прашање.
„Ако талибанците се обидат повторно да ги нападнат нашите војници, нашиот одговор ќе биде многу тежок“, нагласи Блинкен.
- Истанбулска конференција -
Наведувајќи дека продолжуваат подготовките за мировната конференција која се планира да се одржи во Истанбул кон крајот на месецот, Блинкен изјави дека очекуваат одговор од талибанците што е можно поскоро за нивното учество на оваа конференција.
За време на неговата посета, Блинкен имаше средба со претседателот на Авганистан, Ешреф Гани и со претседателот на Врховниот совет за национално помирување, Абдулах Абдулах.
Американскиот претседател Џо Бајден вчера истакна дека сите 2.500 американски војници кои останале во Авганистан ќе се повлечат до 11 септември.
Од друга страна, талибанците, обвинувајќи ги Соединетите Американски Држави за кршење на Договорот од Доха, најавија дека може да преземат какви било мерки за кои сметаат дека се потребни.