Faruk Zorlu
25 Октомври 2019•Ажурирај: 25 Октомври 2019
АНКАРА (АА) - Бројот на загинати во протестите во Чиле се искачи на 19, а насилните демонстрации продолжуваат и покрај одлуката на Владата да го повлече поскапувањето на цените за метрото, јавува Anadolu Agency (AA).
Обвинителството во главниот град Сантијаго истакна дека еден Перуанец починал откако е ранет во градот Пуенте Алто од страна на лице што отворило оган за да го заштити своето работно место и својот бизнис.
Најголем дел од смртните случаи се предизвикани за време на грабежите во неделата, кога продавниците беа палени.
Според Националниот институт за човекови права во Чиле, приведени се вкупно 2.840 лица, а 538 се повредени за време на протестите кои започнаа откако Владата ги покачи цените на билетите за метрото.
Минатата недела, демонстрантите ги прескокнуваа наплатните рампи во метрото, во главниот град, без да платат билети, како протест против покачувањето на цените на билетите за 4 отсто.
Но, во обид за ставање контрола, претседателот Себастијан Пинера најави отстапки, вклучително и повлекување на поскапувањето на билетите, потоа зголемување на минималната плата, а покачувањето на цената на електричната енергија да се стави во мирување до следната година.
Според Статистичкиот завод на земјата, половина од работниците во Чиле заработуваат 550 долари месечно или помалку.
Владата на Чиле прогласи 15-дневна вонредна состојба во саботата, подоцна проширувајќи ја и во градовите во северниот и јужниот дел на земјата.