Selen Temizer
12 Октомври 2022•Ажурирај: 13 Октомври 2022
БРИСЕЛ (АА) - Во Белгија 21 дете без придружба кои бараат азил мораа да преноќат на улица бидејќи не им е понудено место за престој, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Поради недоволни сместувачки капацитети за барателите на азил во Белгија, кризата повторно ескалира во последните недели откако се зголеми бројот на барања за азил.
Како што наведуваат белгиските медиуми, 21 лице помлади од 18 години кои бараат азил ноќта ја минале на улица бидејќи не им е понудено место за престој.
Невладината организација „Каритас интернешнал - Белгија“ на својот твитер-профил објави дека децата без придружба мора да спијат надвор бидејќи не им било понудено сместување.
Директорката на невладината организација „Рефјуџи ворк фландерс“, Тине Клаус, истакна дека властите мора да донесат итни мерки во врска со овој проблем.
„Ние сме во длабока криза. Потребни се итни мерки за да се обезбеди сместување за итните случаи“, рече Клаус.
Томас Вилекенс од организацијата „Рефјуџи ворк фландерс“ истакна дека 43 деца поднеле барање за азил, а 21 од нив не добиле сместување во рамките на Федералната агенција надлежна за прифаќање на барателите на азил - „Федасил“.
Порталот „Брисел тајмс“ објави дека „Федасил“ е прогласен за виновен за неисполнување на своите должности повеќе од 4.500 пати, напоменувајќи дека и покрај сѐ, проблемот не е решен и дека досега илјадници баратели на азил останале на улица.