ПАРИЗ (АА) – „Каде да останеме на овој студ? Каде да одиме на ова студено време? Ние сме гонети од место на место. Почувствувајте ја нашата болка. Почувствувајте ја нашата беда. Ние сме луѓе“.
Ова се зборовите на Султан, 22-годишен бегалец од Авганистан, кој сега живее во импровизираниот камп „Сталинград“ во Париз.
Кампот е дом на околу 2.000 до 2.500 луѓе, постојано се растура и е подложен на чести рации од страна на полицијата во Париз.
И покрај напнатите сцени во понеделникот, полицијата и санитарните работници, со поддршка од булдожерите ги расчистија шаторите, душеците и личните предмети на жителите на кампот.
Францускиот премиер Мануел Валс изјави дека кампот ќе биде целосно отстранет до крајот на оваа недела.
Фармерот Султан, кој платил илјадници долари за опасното и илегално патување низ Европа, и избегал од талибанците пред две години, за АА изјави: „Тие никогаш не ни помагаат. Само доаѓаат, во секое време, ни ги земаат шаторите и нѐ оставаат надвор на студот“.
„Она што го сакаме од француските власти е колку што е можно поскоро да нѐ одведат на топло место каде што ќе можеме да јадеме топол оброк и да се искапеме. Се смрзнуваме овде“.
На подрачјето околу двете метро станици „Сталинград“ и „Жан Жорес“, на периферијата од пренаселените 18. и 19. париски кварт, често се создаваат импровизирани кампови.
Според податоците на париската полиција, од јуни 2015 година, од подрачјето имало најмалку девет евакуации.
„Ова е мојата последна шанса за нормален живот. Продадов сè дома и го оставив моето семејство само за да можам да ја осигурам нашата иднина. Сакам да учам. Сакам да живеам“, продолжи Султан со својата приказна.
Мохамед Али, 19-годишен Авганистанец што преживеал напад на талибанците и избегал од земјата во 2014 година, ги повтори желбите на Султан.
„Аплицирав за азил и чекам. Зборувам девет јазици и сè што сакам е да одам на универзитет и да студирам економија или компјутерски науки“.
Се запознавме и со Јасемин Ијанзад, исто така од Авганистан, која седејќи на стол го милуваше својот тригодишен внук Ади.
Педесетгодишната поранешна акушерка пристигнала во Париз на 24 септември, заедно со своето семејство: трите ќерки (две дипломирани студентки, во брак, и уште една ќерка, студент по стоматологија), два сина и внук. Другите двајца синови останале со своите семејства.
Ние избравме да живееме
„Мојот сопруг беше државен службеник. Талибанците го убија пред две години. Оттогаш добиваме закани“, објаснува таа.
„Ситуацијата е навистина лоша во нашата земја: само војна и економија што пропаѓа. Зошто да останеме? За да умреме? Ние избравме да живееме“.
„Ја сакам модата, шминката. Франција е вистинското место за тоа“, рече таа смеејќи се. Но, со посериозен тон, додаде: „Квалитетот на животот тука е подобар. Сме биле насекаде, сега само сакаме да останеме тука и да продолжиме со животот“.
Таа се пожали на условите за живеење во камповите, особено кога времето е студено.
„Француските власти треба да разберат дека ние сме човечки суштества, а не само број. Ние бегаме од смртта, не бегаме за луксуз“, рече таа. „Треба да се смилуваат на нас, барем за децата, и да ни дадат документи и дом за да можеме да го започнеме нашиот живот овде и да биде дел од оваа земја“, додаде Јасемин.
Францускиот претседател Франсоа Оланд во саботата вети дека ќе ги исчисти сите бегалски кампови во Париз по минатонеделното затворање на т.н. камп „Џунгла“ во Кале– дом на околу 7.000 луѓе.
Според париското Градско собрание, бројот на мигранти и бегалци на улиците на главниот град се зголемил за околу една третина од затворањето на кампот Кале.
Едноставен живот
Како што одите понатаму, стигнувате до најголемиот и најгусто населениот дел на кампот. Тука повеќето од жителите се од Судан, Сомалија, Етиопија, Еритреја, Либија и од други африкански земји.
Хаши, 54-годишен Сомалиец, пристигнал во Европа пред три години, а во Франција пред помалку од два месеца.
Поранешниот возач на камиони, за АА изјави дека заминал поради тероризмот и граѓанската војна во неговата земја. „Мислите ли дека е лесно да заминете од својата земја и од семејството? Немам никакви вести за сопругата и шесте деца веќе година и половина. Мислам дека се мртви“.
„Уморен сум. Само сакам да имам куќа, работа, да бидам продуктивен, да си го плаќам својот данок, и тоа е тоа. Обичен, едноставен живот“.
Ваел, 36-годишен бербер од Либија, рече дека бил оставен без друг избор освен да го ризикува својот живот и да продолжи преку морето. Тој пристигнал во Париз пред три месеци, невообичаено, но претходно живеел во Европа со години.
Живеев во Холандија 16 години. Имав пристојна работа, куќа, документи. Сето тоа го изгубив кога се вратив во Либија во 2013 година, кога почина татко ми“.
„Не можев да ја напуштам земјата кога избувна војната. Останав таму“.
До него седи Џамел (30), поранешен вработен во едно либиско министерство, кој рече дека избегал откако добил смртни закани од ДЕАШ.
„Јас не сум тука поради економски причини. Потекнувам од добро ситуирано семејство. Ги оставив своите автомобили, куќи и семејниот бизнис зад себе. Тука сум за да преживеам“.
Нечовечки третман
Фатих Мохамед Абдула ал-Касим, 29-годишен Суданец од Дарфур, истакна дека аплицирал за азил. Тој заминал поради политичката диктатура и општествената неправда.
„Суданскиот режим ги прави работите во земјата уште полоши. Расизмот и корупцијата се зголемуваат, а образованите луѓе што се противат, се цел“.
Тој рече дека е разочаран од бедата што ја видел откако пристигнал во Европа, особено, како што рече, нечовечкиот третман од страна на француските власти.
„Не се почитува моето право на азил или статусот на бегалец. ЕУ не ја почитува Повелбата на ОН. Како што можете да видите, ова е место што не одговара на основните потреби на човекот: спиење на студено, до нечистотија и ѓубре. Нема бањи или тушеви“.
„Не гледам одредена иднина тука. ЕУ лошо и нечовечки ги третира бегалците и мигрантите. Освен ако не се држите до вашите соништа и работите напорно, не ќе бидeтe во можност да направите нешто тука. Тешко е“.
Фатих рече дека откако ги завршил своите студии по градежништво во 2011 година, тој е невработен и сака да го продолжи високото образование во Франција.
Мојот живот тука е привремен. Откако ќе добиеме подобро образование, јас и другите млади ќе се вратиме во Судан. Потребни сме ѝ на нашата земја за да направиме радикални промени“, вели тој.
„Во меѓувреме, земјите на ЕУ, и особено француските власти, треба да разберат дека ние сме луѓе, заслужуваме почит и имаме право да живееме“.