Alma Çekovic
28 Септември 2017•Ажурирај: 29 Септември 2017
ПАРИЗ (АА) - Ајфеловата кула во Париз вечерва со низа концерти и со специјални светлосни ефекти ќе го прослави 300-милионитиот посетител, откако највисоката градба во францускиот главен град беше отворена во 1889 година, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Во дворот на кулата ќе има тапани, на вториот кат амбиентот ќе биде џезерски, а на врвот од кулата атмосферата ќе биде романтична, со трио флејти“, соопшти компанијата SETE, која стопанисува со овој објект, еден од најпрепознатливите во светот.
Од компанијата SETE најавија дека на секој половина час почнувајќи од 19.30 часот, па сѐ до полноќ, ќе биде приредувано спектакуларно лајт-шоу.
Ајфеловата кула е симбол на Париз и на Франција, и еден од најпосетуваните туристички локалитети во светот. Минатата година овој објект го посетија повеќе од 5,8 милиони посетители.