ТЕХЕРАН (АА) - ЕЛАХЕ САЛАРИ/МУХАМЕД КУРШУН -
Поранешниот претседател на Иран, Махмуд Ахмединеџад, истакна дека Договорот за нуклеарната програма, потпишан во 2015 година меѓу Иран и земјите членки на групата 5+1, се состои од низа еднострани обврски, и дека тој не би го потпишал овој договор.
Ахмединеџад, кој во периодот од 2005 до 2013 година два мандати ја вршеше функцијата претседател на Иран, во разговор за Anadolu Agency (AA) говореше за надворешната политика на администрацијата на Техеран, настаните во регионот, како и за Договорот за нуклеарната програма.
Тој нагласи дека преговорите во врска со Договорот за нуклеарната програма, како и за повторно преговарање со САД, треба да се реализираат само врз основа на правда, заемна почит и меѓусебно признавање на службеното право.
Според него, иако едностран договор може да се спроведе во краток рок, на долг рок тој ќе биде неуспешен.
- „Јас никако не би го потпишал Договорот за нуклеарната програма“
Ахмединеџад го критикуваше Договорот за нуклеарната програма, потпишан од страна на Владата на моменталниот претседател на Иран, Хасан Рохани.
„Договорот за нуклеарната програма беше договор кој се состои од еднострани обврски. Овој договор нема значајна придобивка за ниту една страна. Исто така, основите за кои се преговара, не се точни. Доколку една тема ја разгледаме врз основа на погрешни темели, не може да добиеме соодветни резултати. Јас никако не би го потпишал овој договор“, додаде тој.
Амединеџад истакна дека според него не се точни тврдењата дека Договорот за нуклеарната програма ја спречува глобалната алијанса против Иран.
Тој нагласи дека нема проблем во вршење преговори со која било страна, вклучувајќи ја и администрацијата на Вашингтон, но според него, нема корист ниту од преговорите чија цел не е позната.
- „САД и Иран можно е да имаат пријателски односи“
Ахмединеџад упати апел до претседателот на САД, Доналд Трамп и до Техеран да ги поддржат преговорите кои ќе се одржат за спречување на војна и воспоставување на пријателство.
Поранешниот ирански претседател нагласи дека е против секаков вид војна, и дека постојат повеќе можности за соработка отколку за непријателство.
„САД и Иран можно е да имаат пријателски односи. Доколку правиме анкета или референдум, несомнено дека луѓето ќе ги изберат мирот и правдата. Седум милијарди и 500 милиони луѓе во светот го сакаат тоа“, додаде Aхмединеџад.
- „Во минатото немаше нешто како ’не може да се вршат преговори со САД‘.“
Ахмединеџад истакна дека не може да се оствари средба со администрацијата на Вашингтон под притисок, но според него, преговорите со САД не се табу-тема, и додаде: „Со САД беа реализирани преговори во Договорот од Алжир, како и во прашањата за Авганистан и Ирак. Во минатото немаше нешто како ’не може да се вршат преговори со САД‘.“
Тој нагласи дека администрацијата на САД води една политика како вршење притисок врз иранскиот народ и сака овој притисок да го насочи кон режимот, но според него, со тоа не се добива резултат.
„Да кажеме дека сте против политиката на иранскиот режим, тогаш со кое право вршите санкции против народот и го држите под притисок? Оваа состојба покажува дека оние кои ѝ даваат насока на политиката во САД, немаат борба против властите во оваа земја, туку против иранскиот народ“, додаде тој.
- „Доколку постои некое прашање кое може да се реши со оружје, досега ќе се решеше тоа“
Ахмединеџад истакна дека е за целосно отстранување на оружјата, како и за решавање на сите проблеми преку дијалог.
„Доколку постои некое прашање кое може да се реши со оружје, досега ќе се решеше тоа. Доколку нема војна, сите големи фабрики за оружје во светот би банкротирале“, рече Ахмединеџад.
Тој нагласи дека САД поседуваат 5.600 атомски бомби од петтата генерација со напредна технологија, потсети дека претходно истакнал оти исто така и Иран сака да поседува нуклеарно оружје, и додаде: „САД велат ’Иран нека докаже дека не сака да произведува атомска бомба‘. Како можете да докажете нешто што не постои? САД не се плашат од атомска бомба. Треба искрено да зборуваме со светот. САД поседуваат атомска бомба и се единствена земја која ја користат. Дали ние претставуваме закана и дали треба да се казниме за тоа?“
Ахмединеџад истакна дека економијата на САД нема корист од санкциите на кои е изложен Иран, и тврди дека економијата на САД на долг рок ќе се влоши.
- „Персискиот Залив сега е многу погоден за конфликт“
Поранешниот ирански претседател нагласи дека посакува Трамп да ги земе предвид интересите на САД на долг рок.
„Предизвикување војна е потешко од обезбедување мир. Персискиот Залив сега е многу погоден за конфликт. Земјите од Персискиот Залив и САД треба да бидат многу внимателни. Пожарот кој ќе избувне тука, нема да го запали само Персискиот Залив, туку целиот свет“, додаде Ахмединеџад.
- „Ние мора да дејствуваме во хармонија со Турција и другите соседи“
Нагласувајќи дека соседите се секогаш приоритет и дека тие треба да се развиваат заедно бидејќи се наоѓаат на ист регион, Ахмединеџад рече дека има многу можности за соработка со соседите заради заедничките културни врски и историските пријателства.
„Облеката, храната, обичаите и традициите ни се исти. Турција, Ирак, Азербејџан, Туркменистан, Авганистан, Пакистан и земјите од Персискиот Залив и Иран се зависни едни од други за да можат да се развиваат. Ако некој биде поразен, другиот нема да биде победник, затоа што сме поврзани еден со друг. Ние мора да дејствуваме во хармонија со Турција и со другите соседи. Односите меѓу Турција и Иран се секогаш пријателски и се врши многу напор за тие односи да бидат конфротирачки“, нагласи поранешниот претседател на Иран.
Ахмединеџад, истакнувајќи дека ниту еден сосед нема да има придобивки од идните конфликти, освен тие што се „непријатели кон сите народи во регионот“, додаде дека Турција, Сирија, Јордан, Египет, Ирак, Саудиска Арабија, Авганистан, Азербејџан, Пакистан, Туркменистан и други држави од Персискиот Залив опфаќаат голема географија и дека овие земји стигаат до сите водени патишта во светот. Тој, исто така рече дека тука се наоѓаат и најголемите светски извори на енергија и дека точката на глобалната врска се наоѓа во оваа област.
- „Досега во Сирија нема победничка страна“
Ахмединеџад, наведувајќи дека заедничките интереси се поголеми од конфликтите, истакна дека според него, конфликтите се на преден план и дека затоа заемните интереси се протуркани настрана.
Истакнувајќи дека би имало подобри резултати ако Саудиска Арабија парите што ги троши во Јемен за оружје ги употреби за хуманитарна помош, Ахмединеџад рече дека и во ситуацијата во Сирија треба да се постапува на ист начин.
„Досега во Сирија нема победничка страна. Мораме да помогнеме во реализација на барањата на сирискиот народ, сѐ друго е штетно. Секој убиен човек е штета. Нема никаква штета ако седнеме заедно и со договориме. Секое лице во светот е еден глас, пуштете ги луѓето да избираат слободно“, нагласи поранешниот ирански претседател.
Ахмединеџад, истакнувајќи дека секој народ треба да ја утврди својата судбина, рече дека треба да се почитува тој принцип.
Според него, ако не се почитува тој принцип, ќе им се даде можност на други земји да доаѓаат оддалеку и да интервенираат во регионот. Истакнувајќи дека Јемен, Ирак, Авганистан и Сирија се во урнатини, Ахмединеџад наведе дека Соединетите Американски Држави со започнување нова војна, сакаат и Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Бахреин и Катар да бидат уништени.
„Продаваат оружје за да се урнат, потоа земаат пари за повторно да се изградат. За да се реши ова, Иран и Саудиска Арабија мора да бидат предводници. Ние мора да седиме рамо до рамо, без да размислуваме дека ако едниот се повлече, е губитник. Треба да бидеме реални и да размислуваме за нашите народи. Нашите цели треба да бидат долгорочните пријателства и потоа да ги претвориме во пријателство со светот“, нагласи Ахмединеџад.
- „Мораме да ја подобриме економската структура во Иран“
Махмуд Ахмединеџад, посочувајќи дека Иран има ретко богатство во однос на материјалните и природните ресурси, рече дека ако тоа богатство се искористи, санкциите ќе бидат бесмислени.
Тој, истакнувајќи дека санкциите се ефикасни поради слабостите, рече дека тие кои ја држат економијата во Иран не можат да го искористат сегашниот потенцијал на земјата.
„Треба да му се даде можност на народот да се развива и да управува со економијата. Мора да се подобри економската структура во Иран. Патот на тоа е да овозможиме народот да располага со природното богатство. Треба економијата да биде извадена од блокадата за да може луѓето да ја обноват. Нашиот народ треба да преземе иницијатива на сите полиња, особено во полето на економијата. Нашите економски проблеми се продлабочија поради санкциите на САД. Економските структури треба да се подобрат и луѓето да бидат поактивни. Ако им се даде можност на луѓето, економијата брзо ќе закрепне. Во минатите години, за голем број производи од земја на увозник, станавме земја на извозник“, нагласи Махмуд Ахмединеџад.
- „Нуклеарната енергија е гаранција за развој на народите“
Реагирајќи на тврдењата дека Иран не произведува нуклеарна енергија за мирни цели, Ахмединеџад рече дека сите земји треба да преминат на нуклеарна енергија.
„Нуклеарната енергија е гаранција за развојот на нациите. Бидејќи тогаш има напредна наука и технологија. Напредното ниво на сите науки може да се види во нуклеарната енергија. Ако таа се развие, како локомотива ќе се развиваат и другите гранки на науката и индустријата. Многу науки се обединуваат во неа. Ако неа ја оставите, не можете да напредувате во другите науки“, истакна Ахмединеџад.
На прашањето дали ќе се врати во политиката на изборите во Иран што ќе се одржат во 2021 година, Ахмединеџад рече дека „нема“ и дека ќе „го почитува мислењето на народот“.
Во однос на интересот за него во Турција, поранешниот ирански претседател Махмуд Ахмединеџад нагласи: „Ја сакам Турција. Можеби и тоа е причината за интересот кон мене. Народот на Турција е цивилизиран и културен. Тоа е народ кој влијаел на светската цивилизација. И денес се влијателни. Луѓето во Турција се пријателски, искрени и скромни.“
news_share_descriptionsubscription_contact
