ИДЛИБ (АА) - Најмалку 13 цивили загинаа, а поголем број се повредени во воздушните напади што утринава во Идлиб и Хама ги изведоа силите на режимот на сирискиот претседател, Башар ал Асад, и неговите руски сојузници, јавува Anadolu Agency (AA).
Режимските сили и нивните сојузници, руските сили, од раните утрински часови спроведуваат напади врз селата во подрачјето на Кан Шејхун во покраината Идлиб и подрачјето на Кафр Зеит во покраината Хама, кои заедно ја чинат деескалационата зона во североисточниот дел на Сирија.
Локалната цивилна заштита „Бели шлемови“ соопшти дека според првичните информации во нападите се убиени најмалку 13 цивили, а ранети се поголем број цивили. Спасувачките екипи ги пребаруваат рушевините и стравуваат дека билансот на настрадани би можел да порасне.
Силите на Асад синоќа извршија слични напади во тој регион, во кои загинаа уште најмалку 20 цивили.
Идлиб е најголемата енклава под контрола на опозицијата во Сирија, а опозициските сили од Идлиб соопштија дека синоќешните напади ги извеле руски бомбардери од воздухопловната база „Химеимим“ во Латакија.
Истите извори јавуваат дека е лесно да се разликуваат нападите на воздухопловните сили на режимот на Асад од оние што ги спроведуваат силите од базата „Химеимим“.
Воздухопловната флота на Асад ја сочинуваат авиони од руско производство од постарата генерација, кои создаваат голема бучава бидејќи нападите ги изведуваат со ниско прелетување над гаѓаните цели и со разорни проектили што предизвикуваат голема штета на пошироко подрачје.
Од друга страна, авионите на руските воздухопловни сили се опремени со понова технологија и проектили, па нечујно и прецизно ги гаѓаат одредените цели.
Во Идлиб, како упориште на сириската опозиција, живеат околу четири милиони жители кои се цел на постојани напади од режимот.
Со посредство на Турција и Русија во Сочи, во септември минатата година е постигнат договор за прекин на огнот во Идлиб и воспоставување деескалациона зона за цивилите.
Според договорот, опозициските сили во октомври го повлекоа тешкото вооружување од регионот, но силите лојални на режимот на Асад не запреа со артилериските и воздушните напади врз таа регија.
Од Цивилната одбрана (Бели шлемови) во Сирија соопштено е дека во режимските напади во изминатите 30 дена во Идлиб загинале најмалку 268 луѓе, а повредени се 660 цивили.
Од септември минатата година, од прогласувањето на примирје во таа регија, раселени се над половина милион луѓе.