Gizem Nisa Çebi
10 Март 2025•Ажурирај: 11 Март 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Аргентина прогласи тридневна национална жалост поради катастрофалните поплави во пристанишниот град Баија Бланка, кои однесоа најмалку 16 животи, соопштија официјални лица синоќа, јавува Анадолу.
„Потврдени се 16 смртни случаи, но веројатно ќе има уште“, напиша градоначалникот Федерико Сусбиелес на социјалната мрежа „X“.
Спасувачките екипи продолжуваат со потрагата по исчезнатите, додека стравувањата дека бројот на загинати ќе расте стануваат сè поголеми.
Меѓу најтрогателните случаи е трагедијата со две мали сестри, на возраст од 1 и 5 години, кои биле однесени од водата откако со нивната мајка се качиле на покривот од комбе, обидувајќи се да се спасат од надојдените води.
Сојузната влада одобри итна помош од 10 милијарди пезоси (9,2 милиони долари). Канцеларијата на претседателот Хавиер Милеј вети дека „сите институции на националната Влада ќе останат посветени на помош на жртвите во овој тажен момент за сите Аргентинци“.
Фудбалската ѕвезда на Аргентина, Лионел Меси, изрази сочувство на Инстаграм, при што напиша: „Многу сила за сите што поминуваат низ тежок период во овој тежок момент.“
Катастрофата се случи во петокот, кога количината на дожд што обично паѓа за цела година ја поплави Баија Бланка, еден од клучните пристанишни градови во провинцијата Буенос Аирес. Цели населби беа потопени, а илјадници луѓе останаа без струја.
Експертите предупредуваат дека оваа трагедија е уште еден доказ за сè позагрижувачките климатски ризици. „Ова е јасен пример за климатските промени“, изјави Андреа Дуфорг, еколог, додавајќи дека градовите мора да ги зајакнат системите за рано предупредување и мерките за отпорност.
Баија Бланка и во минатото се соочувала со смртоносни бури, но властите велат дека ова се вбројува меѓу најтешките поплави во историјата на градот.