Sinan Doğan
13 Јуни 2024•Ажурирај: 14 Јуни 2024
БОГОТА (АА) - Илјадници луѓе протестираа во Аргентина против сеопфатниот „пакет економски реформи“ што сака да го воведе Владата на Хавиер Мили, јавува Анадолу.
Илјадници граѓани се собраа пред зградата на Конгресот во главниот град Буенос Аирес, остро реагирајќи на владиниот пакет економски реформи, и се судрија со полицијата.
Безбедносните сили одговорија со солзавец и водени топови против демонстрантите кои ги нападнаа со Молотови коктели и камења.
Во инцидентите повредени се 40 лица, додека 30 се приведени.
Хоспитализирани се петмина пратеници од опозицијата кои беа повредени како резултат на полициската интервенција со солзавец.
Протестот беше поддржан од различни организации, левичарски партии, пензионери, просветни работници и разни синдикати.
Пратеникот од опозицијата Маријано Рекалде изјави дека работниците ќе бидат сериозно оштетени од овој пакет реформи.
„Правата на вработените ќе се вратат еден век наназад“, рече Рекалде.
Бартоломе Абдала, пратеник од владејачката партија, ја истакна важноста на законот и рече дека пакетот реформи треба да се прифати за доброто на Аргентинците.
Говорејќи на финансиската седница одржана во Буенос Аирес, претседателот Мили рече: „За овие закони се расправа веќе шест месеци. Ако беа брзо усвоени, процесот на приспособување би бил помалку болен, но политиката не се грижи за тоа“.
Министерот за финансии, Луис Капуто, изјави дека економските услови во земјата ќе се подобрат побрзо доколку пакетот реформи биде одобрен од Сенатот.
Пакетот економски реформи, познат и како „Закон за темелни начела и појдовни точки“, се смета за радикална промена во Аргентина.
Пакетот реформи, предложен од десничарскиот претседател Хавиер Мили за заживување на економијата во земјата, вклучува прогласување вонредна економска состојба, намалување на пензиите и намалување на работничките права.
Владата, која сака да ги зголеми инвестициите во приватниот сектор, сака да спроведе и приватизација.
Пакетот реформи, кој се сметаше за едно од најголемите изборни ветувања на претседателот Мили, беше прифатен со мнозинство гласови во Претставничкиот дом во април.