Laith Al-jnaidi,Said İbicioğlu
24 Септември 2020•Ажурирај: 25 Септември 2020
АМАН
На арапско-европскиот министерски состанок одржан во јорданскиот град Аман е упатен повик за завршување на напнатоста меѓу Палестина и Израел и продолжување на мировните преговори, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според јорданската државна телевизија, за блискоисточниот мировен процес е разговарано на состанокот на кој присуствуваа министрите за надворешни работи на Јордан, Египет, Франција, Германија и претставниците на Европската Унија.
Истакната е важноста и неопходноста за ставање крај на палестинско-израелскиот судир и продолжување на сериозните преговори меѓу тие страни.
Јорданскиот министер за надворешни работи, Ејмен Сафади, изрази загриженост поради она што неговата земја го опиша како „блокада во преговорите меѓу Палестинците и Израелците“.
Египетскиот министер за надворешни работи, Самих Шукри, изјави дека неодамнешните договори за нормализација на односите со Израел ќе дадат поголема поддршка на трајниот мир во регионот и ја нагласи важноста за обезбедување на сеопфатен мир.
Францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дриан, го повика Израел да ја запре одлуката за анексија на палестинските територии на окупираниот Западен Брег, нагласувајќи ја потребата за стабилност во регионот низ дводржавно решение.
„Неодамнешните договори со Израел покажаа дека сѐ уште е можен мир во регионот“, изјави германскиот министер за надворешни работи, Хеико Мас.
Обединетите Арапски Емирати и Бахреин потпишаа договор за нормализација на односите со Израел на церемонијата одржана во Белата куќа на 15 септември.