Tayfun Salcı
28 Август 2017•Ажурирај: 29 Август 2017
ЛОНДОН (АА) - ТАЈФУН САЛЏИ– Претседателот на Националната организација на араканските Рохинџа муслимани (АРНО), Нурул Ислам, повика да се исполнат предлозите наведени во извештајот подготвен со помош на поранешниот генерален секретар на ОН, Кофи Анан.
Нурул Ислам за АА зборуваше во врска со последните случувања во Мјанмар.
Тој додаде дека извештајот на Советодавната комисија на Аракан, формирана со поддршка на мјанмарската министерка за надворешни работи, Аунг Сан Су Чи и Кофи Анан е задоволувачки, но оние што не се согласуваат со него поттикнуваат подбуцнувачко дејствување.
Ислам изјави дека на Комисијата се противат будистичките лидери во Аракан, претставниците на Националната араканска партија (ANP) и Аје Маунг, кој стои зад кампањата против муслиманите од Аракан (Рохинџа) во 2012 година.
„Претставниците на АНП во Парламентот упатија предлог кој предвидува испраќање на војската во северниот дел на Аракан, но тој не помина. Предлогот за којшто се тврдеше дека е против таканаречените исламски терористи и оти ги штити будистите, доби поддршка од военото крило. Подоцна пратениците предводени од д-р Аје Маунг и генералот Минг Аунг Хлаинг, на 9. август одржаа состанок, и во Маунгдав, во северниот дел на Аракан беше објавен лажен безбедносен аларм“, изјави Ислам.
Тој додаде дека на 11. август, голем број војници биле истоварени со хеликоптери и тенкови, а тие започнале да го тероризираат локалното население.
Челникот на АРНО изјави дека на 13. август, групи предводени од будистички свештеници организирале демонстрации во 15 града во Аракан и ги обвиниле меѓународните организации, меѓу кои и ОН, дека се на страна на Рохинџа муслиманите, барајќи тие организации да го напуштат Аракан.
„По испраќањето на војската, започнаа подбуцнувачките дејствија против Рохинџа муслиманите“, изјави Ислам, кој додаде дека таквите активности особено биле забележани во градот Радедунг (Rathedaung) и во околината.
Според неговите зборови, многу села на Рохинџа муслиманите биле блокирани и подложени на напади, а поради силувања, мачења и апсења, создадено е вонредно опкружување.
Тој потсети дека од некои села биле одведени речи сите мажи, а жените, старците и децата биле оставени.
Ислам изјави дека војската извршила упади во многу села каде што се реализирани масовни убиства.
Тој потсети и на извештајот на Анан до мјанмарската Влада и нагласи дека предлозите во него треба да се извршат во целост.
„Владата би требало да формира независна комисија којашто ќе ги испита масакрите над цивилите во Аракан, кои и понатаму траат. Владата би требало да ѝ дозволи на истражната делегација на ОН да ги испита злосторствата над населението Рохинџа“, смета Ислам.
Поради акциите што мјанмарската војска ги спроведува од минатата година, 90.000 муслимани беа принудени да ги напуштат домовите. Претставниците на малцинството Рохинџа истакнуваат дека во акциите досега смртно настрадале околу 400 лица.
ОН формираше истражна комисија за да ги расветли случувањата на тоа подрачје, но мјанмарската Влада не дозволи пристап за членовите на комисијата.
Во извештајот на Комисијата предводена од Анан се упатува повик за плаќање оштета поради одземената земја, на араканските муслимани да им се даде статус на државјани и оти ги имаат сите права и слободи што ги уживаат другите државјани.
Освен тоа, во извештајот се бара да се признае правото на слободно движење за сите што живеат во Аракан, без оглед на религијата, етничката припадност или статусот, и на сите да им се овозможи еднакво користење на услугите на образование и здравството.
Во извештајот се укажува и на важноста на соработката со соседен Бангладеш, кој стана засолниште за повеќе од 100.000 аракански бегалци.