Yusuf Özcan
29 Јануари 2021•Ажурирај: 01 Февруари 2021
ПАРИЗ
Антиисламските напади во Франција се зголемија за 53 отсто во 2020 година, во споредба со претходната година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Опсерваторијата за исламофобија на Франција при Исламскиот совет на Франција, преку писмено соопштение истакна дека овие напади најмногу се случувале во Ронските Алпи, во регионот Прованса-Алпи-Азурен Брег и Ил де Франс, регионот во кој се наоѓа и францускиот главен град Париз.

Зекри нагласи дека минатата година биле извршени 235 напади врз муслиманите, а оваа бројка е поголема за 53 отсто од 2019 година, кога биле извршени 154 напади.
Тој рече дека во 2020 година нападите врз џамиите се зголемиле за 35 отсто.
Според него, минатата година биле испратени 70 заканувачки писма до Центарот на Исламскиот совет на Франција или до неговите челници.
Зекри подвлече дека загрижувачко е ширењето на електронските пораки кои ја поттикнуваат омразата против муслиманите, како и ширењето на лагите против исламот и муслиманите во виртуелниот свет.
Како што рече тој, муслиманите во Франција се загрижени од тоа што некои Французи имаат негативен став кон исламот.
Тој нагласи дека не постои врска помеѓу исламот и тероризмот, и дека муслиманите кои живеат во Франција треба да ја практикуваат верата исто како припадниците на другите религии.
Инаку, по убиството на професорот Семјуел Пети во октомври 2020 година, во земјата беше забележан раст на антиисламските напади.
Покрај антиисламските напади, во Франција е подготвен и Нацрт-закон кој ги таргетира муслиманите.
Нацрт-законот кој беше подготвен минатата година од страна на администрацијата на францускиот претседател Емануел Макрон, беше познат под називот „исламистички сепаратизам“, а потоа беше сменет како „принципи кои ја зајакнуваат почитта кон вредностите на републиката“. Овој нацрт-закон е критикуван со образложение дека ја таргетира муслиманската заедница во Франција и носи ограничувања скоро во секоја област во нивниот живот.
Исто така, Нацрт-законот предвидува интервенции врз џамиите и врз здруженијата кои се одговорни за управата на овие џамии, како и контрола на финансирањето на здруженијата и невладините организации на муслиманите.
Паралелно на тоа, Исламскиот совет на Франција со поддршка на Владата го подготви Статутот за исламски принципи во Франција. Овој статут беше потпишан од страна на голем број муслимански невладини организации, додека Комитетот за координација помеѓу турско-муслиманските здруженија во Франција, Исламската заедница „Мили Ѓоруш“ на Франција, како и Здружението „Верување и практикување“ не го потпишаа статутот, со образложение дека ги маргинализира муслиманите.
Во овој статут во преден план се следните точки: „Исламот да биде во хармонија со вредностите на Франција; Да се одбива користењето на исламот за политички цели; Странските земји да не интервенираат врз доживувањето на верата во Франција; Еднаквост помеѓу мажите и жените“.
Во статутот се истакнува дека нападите против муслиманите кои живеат во Франција, се извршени од страна на екстремистичко малцинство и дека тие не треба да бидат поистоветувани со француската држава и францускиот народ. Исто така, во статутот се вели дека реториката дека „државата е расистичка“, е клевета.
Во Франција живеат околу 6 милиони муслимани, од кои поголемиот дел се од Северна Африка.
Франција се наоѓа на чело на земјите во кои живеат најмногу муслимани во Европа.