Elvir Hociç
27 Јуни 2017•Ажурирај: 27 Јуни 2017
ЊУЈОРК (АА) - Последната анкета на американскиот истражувачки центар „Pew“ (Пју) покажа дека светот има најмногу доверба во германската канцеларка Ангела Меркел, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во анкетата учествуваа повеќе од 40.000 лица од 37 земји на пет континенти, а 42 отсто од испитаниците се изјаснија дека ѝ веруваат на германската лидерка Меркел бидејќи води „правилна политика за глобалните прашања”.
Кинескиот претседател Си Ѓинпинг ужива доверба кај 27 отсто од испитаниците, а само еден процент помалку доверба кај луѓето во светот има рускиот претседател Владимир Путин.
На американскиот претседател Доналд Трамп му веруваат 22 отсто од испитаниците.
Поголемиот дел од испитаниците, 75 отсто од нив сметаат дека Трамп е арогантен, за нетолерантен го сметаат 65 отсто, а како опасен го гледаат 62 отсто од испитаниците. Нешто повеќе од половина од испитаниците се изјаснија дека Трамп го сметаат за цврст лидер, а 39 отсто од испитаниците сметаат дека станува збор за харизматичен лидер.
„Позитивното гледање на САД во светската јавност е во значителен пад“, се наведува во резултатите од анкетата во којашто цели 30 отсто од Мексиканците се изјаснија дека имаат позитивно мислење за САД, за разлика од 66 отсто од нив кои таквото мислење го имаа на крајот од мандатот на поранешниот американски претседател Барак Обама.
Позитивното гледање на САД за повеќе од 20 отсто е намалено и во Германија и во Канада, каде што 43, односно 35 отсто од испитаниците се изјаснија позитивно за политиката на официјален Вашингтон. Сличен тренд на пад на довербата кон САД е забележан и во поголемиот дел од земјите, и тоа е на ниво од 2003 година, кога тогашниот американски претседател објави план за инвазија на Ирак.
Паралелно со тоа, поголемиот дел од испитаниците изразија позитивно мислење за Американците и не очекуваат промени во билатералните односи на своите земји со САД во наредните пет години.