Anees Suheil Barghouti
26 Декември 2018•Ажурирај: 27 Декември 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - Половина од Израелците не сакаат премиерот Бенјамин Нетанјаху повторно да биде премиер, велат податоците од новото истражување, пренесува Anadolu Agency (AA).
Анкетата направена од страна на Израелската радиодифузна мрежа покажува дека 37 отсто од Израелците го гледаат Нетанјаху како силен фаворит за победник на предвремените избори на 9 април.
Сепак, 56 отсто од испитаниците сметаат дека Нетанјаху не треба да биде следниот премиер.
Анкетата покажува дека поранешниот началник на Генералштабот на Армијата, Бени Ганц, и Јаир Лапид, лидерот на партијата Јеш Атид (Има иднина) се на второто место со 13 отсто, а по нив доаѓа Ави Габај, челникот на Лабуристичката партија, со 7 отсто.
Истражувањето, исто така, покажа дека партијата на Нетанјаху, Ликуд, би освоила 30 пратенички места во Кнесетот (израелски парламент), кој има вкупно 120 места.
Ликуд освои 30 места на последните општи избори во 2015 година.
Анкетата, исто така, предвидува дека партијата Јеш Атид и Арапската заедничка листа ќе освојат по 13 места на изборите, а по нив следуваат партијата Еврејски дом со 12 места и Ционистичката унија со само 10 места во Кнесетот.
Во понеделникот, израелските коалициски партнери одлучија да го распуштат Парламентот и да свикаат предвремени избори, што произлезе по несогласувањата околу нацрт-законот за задолжителната воена служба, бидејќи партијата Јахадут хаТора нагласи дека ќе се повлече од коалицијата ако Кнесетот гласа за нацрт-законот.
Служењето во Армијата е задолжително за сите израелски граѓани (три години за мажи и две години за жени), со исклучок на припадниците на ултраортодоксната еврејска заедница.
Ултраортодоксните Евреи сочинуваат околу 10 отсто од вкупната популација на Израел. Тие живеат во затворени заедници и се придржуваат до строгите толкувања на еврејското религиозно право.