Kasım İleri
26 Мај 2020•Ажурирај: 28 Мај 2020
ВАШИНГТОН
Aмериканските воени сили за Африка (AFRICOM) предупредуваат дека Русија испратила воени авиони во Либија, дека Москва би можела да го затвори воздушниот простор на либискиот брег и дека тоа би можело да значи голема безбедносна грижа за Европа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението од АФРИКОМ се наведува дека Русија неодамна испратила воени авиони во Либија за поддршка на приватната безбедносна компанија Вагнер, која е поддржана од Кремљ.
Истакнато е дека авионите се поддршка на компанијата Вагнер, која го поддржува Калифа Хафтар, лидерот на нелегитимните сили против меѓународно признатата либиска влада.
„Руските авиони дојдоа од воздушната база во Русија, а за да прикрие нивното доаѓање од Русија тие се прво обоени и закамуфлирани на подрачјето на Сирија, а од таму пристигнаа во Либија“, пишува во соопштението.
Командантот на АФРИКОМ, генералот Стивен Таунсенд истакнува дека Русија во Либија се обидува ситуацијата да ја сврти во своја корист, токму како што тоа го стори во Сирија.
„Токму како што имавме прилика да видиме во Сирија, Русија се обидува да го зголеми своето воено влијание во Африка. Русија долго време ја негираше севкупната итервенција во судирите во Либија, но повеќе тоа не може да го негира. Гледавме како Русија чекор по чекор таму испраќа свои авиони од четврта генерација. Ни LNA (силите на Хафтар), ни безбедносните компании не можат да ги користат тие авиони без поддршка на руската држава. Светот слушна дека Хафтар најави воздушна акција. Тоа ќе биде сторено со руските авиони, кои ќе ги користат руските платенички пилоти, а со кои ќе бидат бомбардирани Либијците“, порача Таунсенд,
Командантот на американските воздушни сили во Европа, генералот Џефри Хариган, исто така укажа на следните чекори на Русија и изрази загриженост на тој план.
„Доколку Русија преземе контрола над крајбрежните либиски бази, следниот чекор ќе биде поставување на систем со долг дострел A2AD (спречување на пристап и влез во воздушниот простор). Кога ќе дојде тој ден, тоа ќе биде голема безбедносна грижа за јужното крило на Европа“, порача Хариган.