Michael Gabriel Hernandez
06 Декември 2023•Ажурирај: 06 Декември 2023
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот сенатор Линдзи Грахам со своите изјави се обиде да го намали ефектот на големиот број убиени Палестинци во Појасот Газа во време кога Израел спроведува офанзива врз оваа блокирана палестинска енклава со цел елиминација на Хамас, јавуа Анадолу.
„Па кажете ни како поинаку да го сториме тоа“, одговори сенаторот Грахам за време на интервјуто за „Си-ен-ен“ на прашањето дали смета дека во Газа се убиени премногу цивили.
Грахам ја спореди израелската војна со сојузничката борба против нацистите во текот на Втората светска војна.
„Дали премногу луѓе загинаа за време на Втората светска војна по Перл Харбор? Дали американската јавност беше загрижена за тоа колку луѓе умираат за да се уништи Токио или Берлин? Знам дека ова не е исто, но е слично“, рече Грахам.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, станбени објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври.
Оттогаш загинати се над 16.200 Палестинци, од кои 7.112 деца и над 4.885 жени, а ранети се повеќе од 43.600 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, при што, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртви на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибаловиот протокол“ е контроверзна процедура што ја користат Израелските одбранбени сили (IDF) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.
Израел во петокот ја продолжи својата воена офанзива во Појасот Газа по завршувањето на еднонеделната хуманитарна пауза договорена со Хамас, бидејќи страните не се договорија за условите под кои паузата ќе продолжи.
Грахам во текот на викендот одговараше и на коментарите на американскиот министер за одбрана Лојд Остин, кој го предупреди Израел да ги ублажи понатамошните цивилни жртви и рече дека во спротивно ризикува „стратешки пораз“ во Газа.
„Во урбана војна можете да победите само заштитувајќи ги цивилите. Во овој вид борба, центарот на гравитацијата е цивилното население. Доколку ги протерате на подрачјето на непријателот, тактичката победа ја заменувате со стратешки пораз. Повеќепати јасно им ставив до знаење на израелските лидери дека заштитата на палестинските цивили во Газа е и морална одговорност и стратешки императив“, рече Остин на Регановиот национален одбранбен форум што се одржа на 2 декември.
Како одговор на ова, Грахам рече дека не знае како да се стори тоа, и го обвини Хамас за присуство во населбите, училиштата, болниците и тајните тунели.
„Причината поради која толку Палестинци умреа, мислам е дека Хамас сака тие да умрат. Значи, доколку имате идеја за намалување на цивилните жртви, јавете ми, јас ќе му кажам на Израел, или вие јавете им се директно, но идејата Хамас и понатаму да опстојува кога ова ќе заврши би била краен стратешки неуспех“, рече Грахам.