свет

Американски медиуми: Триесетгодишно момче почина откако полицајците му го притиснале вратот со колено

Полицајците дошле во куќата и без обид да го сослушаат за што станува збор, го собориле Квинто на подот, му го притиснале вратот и така го држеле пет минути. Три дена подоцна момчето почина во болница

Mücahit Oktay  | 24.02.2021 - Обновена : 24.02.2021
Американски медиуми: Триесетгодишно момче почина откако полицајците му го притиснале вратот со колено

ЊУЈОРК

Триесетгодишниот Американец Анџело Квинто почина три дена откако беше уапсен, а постои сомнеж дека причината за смртта би можела да биде полициско насилство. Американските медиуми пишуваат дека полицајците за време на приведувањето му го притиснале вратот и така го држеле пет минути, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Инцидентот се случи на 22 декември 2020 година кога полициските службеници во градот Антиох, во американската сојузна држава Калифорнија, добиле дојава за расправија во семејството. Полицајците дошле во куќата и без обид да го сослушаат за што станува збор, го собориле Квинто на подот, му го притиснале вратот и така го држеле пет минути. Три дена подоцна момчето почина во болница.

„Семејните адвокати ја обвинија полицијата за смртта на Квинто, кој страдаше од депресија и параноја“, пишува „Си-ен-ен“ (CNN).

Адвокатот Џон Л. Бурис изјави дека сестрата на Квинто, Изабела Колинс, ја повикала полицијата бидејќи се плашела дека нејзиниот брат ќе ја повреди нивната мајка. Иако мајката успеала да го смири синот, полицајците по доаѓањето во куќата го зеле Квинто од нејзините раце, го собориле на земја, потоа со колено го притиснале неговиот врат и така го држеле пет минути.

Квинто изгубил свест, а потоа е префрлен во локалната болница, но не успеал да преживее.

На снимките на мобилниот од неговата сестра се гледа како Квинто лежи на под без движење, потоа со носила го префрлуваат во возило за итна помош, при што лицето му е облиено со крв. На снимката исто така се гледа како болничарите му прават масажа на срцето.

Адвокатите наведуваат дека речиси два месеци полицијата не дала изјава за медиумите во однос на ова прашање. Шерифот на округот Контра Коста претходно изјави дека причината за смртта на Квинто сѐ уште е нејасна и дека случајот го истражува Обвинителството во округот.

Случајот со Анџело Квинто се случи по повеќе од половина година откако на сличен начин настрада и Американецот Џорџ Флојд, кој во мај 2020 година беше уапсен поради наводи за обид на користење на фалсификувана банкнота од 20 долари. Полицајците му го притиснаа вратот со колено и тој девет минути молеше да му овозможат да дише.

Флојд почина од последиците на тој брутален обид за апсење, а инцидентот предизвика бран антирасистички протести низ САД и пошироко.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.