Kasım İleri
17 Ноември 2020•Ажурирај: 17 Ноември 2020
ВАШИНГТОН
Воениот врв чека наредба од американскиот претседател, Доналд Трамп, за повлекување на еден дел од американските војници од Ирак и Авганистан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Американските воени официјални претставници за „Си-ен-ен“ изјавија дека во текот на оваа недела очекуваат во Пентагон да пристигне наредба за повлекување на уште еден контигент американски војници од Ирак и Авганистан.
Неименуван воен официјален претставник изјави дека командите на американската Војска во Авганистан и Ирак веќе добиле наредба да планираат до 15 јануари во тие земји да го намалат бројот на војници на 2.500.
Министерството за одбрана и Генералштабот на Војската на САД не потврдија, ниту ги негираа тие наводи.
Актуелниот американски претседател, Доналд Трамп, за време на мандатот заговараше повлекување на американската Војска од земјите во кои тврдат дека се водат непрекинати војни, а аналитичарите тврдат дека Трамп би можел да го забрза тој процес откако на почетокот на месецот изгуби на претседателските избори и откако стана извесно дека во јануари во Белата куќа ќе го замени новоизбраниот претседател, Џо Бајден.
Трамп минатиот месец на Твитер напиша дека би требало храбрите војници од Авганистан да бидат вратени дома до Нова година.
Во Авганистан моментално се наоѓаат 4.500, а во Ирак 3.000 американски војници.