Malik Hasa
24 Април 2017•Ажурирај: 25 Април 2017
ТИРАНА (AA) - Обединетата опозиција во Албанија, предводена од Демократската партија, на еден час денес блокираше одредени патишта во Тирана и во повеќе други подрачја во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Блокадата на патиштата е организирана во рамките на протестите на опозицијата започнати на 18 февруари, со барање да се формира техничка влада за подготовка на редовни парламентарни избори закажани за 18 јуни. Протестите на опозицијата, која постави шатори на булеварот на Народните херои во Тирана, опфаќаат и бојкот на работата на Собранието на Албанија.
Опозицијата немаше дозвола од полицијата за денешната блокада на патиштата, а истовремена блокада од 11 до 12 часот е организирана во Тирана, Љушањ, Елбасан и во некои други зони.
Лидерот на опозицијата и претседател на Демократската партија, Љуљзим Баша, се придружи во протестите на градскиот плоштад во Тирана, каде што го повтори барањето на опозицијата да се формира техничка влада за да можат да бидат одржани слободни избори. Баша рече дека паралелно со барањето да се овозможи праведно натпреварување на изборите, постои и барање да се овозможи електронско гласање и броење на гласовите, што би служело за заштита на гласот на секој Албанец. Тој по својот говор ги повика граѓаните мирно да се разотидат, а тие го послушаа.
Премиерот и лидер на Социјалистичката партија на Албанија, Еди Рама, ја повика опозицијата на дијалог, со нагласок дека не може да биде формирана техничка влада.
Истовремено, во Тирана се очекува посета на делегација на Европскиот парламент, предводена од заменик-претседателот на Народната европска партија, Давид Мекалистер која би требала да одигра улога на посредник во преговорите меѓу власта и опозицијата. Дел од таа делегација ќе биде и пратеникот за Албанија во Европскиот парламент, Кнут Флекенштајн.