Ruslan Rehimov
12 Октомври 2020•Ажурирај: 13 Октомври 2020
БАКУ
Азербејџанската Војска сруши три беспилотни летала на ерменската Војска, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за одбрана на Азербејџан денес соопшти дека силите на таа земја во текот на изминатата ноќ срушиле две беспилотни летала на ерменската Војска, кои од границата летале кон азербејџанската област Товуз.
Во соопштението се наведува дека азербејџанската противвоздушна одбрана утринава срушила и едно американско беспилотно летало, кое од границите летало кон градот Агдам.
Делегациите на Ерменија и Азербејџан во Москва постигнаа договор за примирје, што на сила стапи во саботата напладне. Целта на хуманитарниот прекин на огнот беше вршење размена на заробеници и на телата на загинатите војници.
И покрај прогласеното примирје, ерменските сили во повеќе наврати се обидоа да извршат нови напади на територијата на Азербејџан, што азербејџанската Војска го спречи.
Министерството за одбрана на Азербејџан утринава соопшти дека ерменските сили во текот на изминатата ноќ се обиделе да извршат напади и повторно да окупираат повеќе места што азербејџанските сили во текот на претходните денови ги ослободија во регионите Агдере, Агдам, Фузули и Џебраил.
Во соопштението се наведува дека азербејџанските сили во текот на спречувањето на ерменските напади неутрализирале ерменски тенк „Т-72“, три ракетни системи „Град“ и повеќе припадници на ерменската Војска.
Од Баку, исто така, известија дека ерменските сили напуштиле некои позиции во близина на гратчето Хадруд и дека при бегството оставиле оклопни возила.
Ерменските сили продолжија да извршуваат и напади врз цивилните населби. Такви напади се извршени во местата Агдам, Тертер и Горанбој.