Aşkın Kıyağan
15 Мај 2022•Ажурирај: 16 Мај 2022
ВИЕНА (АА) – Како важен сојузник, Австрија ќе тежнее кон подобри односи со Турција, изјави австрискиот канцелар Карл Нехамер, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ќе ги подигнеме односите со Турција на подобро ниво. Ова е многу важно за нас на многу начини“, рече Нехамер, кој беше реизбран за претседател на Австриската народна партија едногласно на 40. вонреден Конгрес.
Во својот говор на Конгресот, тој рече дека Австрија е неутрална во однос на руската војна против Украина, но дека тие имаат право да го дигнат гласот во однос на кршењето на меѓународното право и неправдите.
Одговарајќи на критиките за неговите посети на Русија и Украина минатиот месец, Нехамер рече дека е важно да се направи сè што е можно за прекин на огнот откако ќе се види она што се има случено во Буча.
Тој рече дека презел акција во врска оваа трагедија, наместо да гледа што се случува без да направи ништо.
Нехамер одржа неколку состаноци за време на неговата посета на главниот град на Украина, Киев, на 9 април, и ги посети областите погодени од војната, особено Буча, ослободениот украински град во близина на Киев, каде што беа откриени тела на цивили, наводно, убиени од руските војници.
По посетата на Киев, на 11 април Нехамер замина во Москва каде што оствари средба со рускиот претседател Владимир Путин.
Нехамер стана првиот европски лидер кој ја посети Москва од почетокот на руско-украинската војна на 24 февруари.
Според проценките на Обединетите нации (ОН), досега во војната животот го изгубиле најмалку 3.573 лица, а 3.816 се повредени. Се стравува дека вистинската бројка е многу поголема.
Над 6,1 милион луѓе пребегале во други земји, а околу 7,7 милиони се внатрешно раселени, наведува Агенцијата за бегалци на ОН.