Recep Şakar
21 Октомври 2021•Ажурирај: 21 Октомври 2021
МЕЛБУРН
Награда од 1 милион австралиски долари (приближно 750 илјади американски долари) ќе добие тој што ќе го најде или ќе даде информација за да се пронајде четиригодишното девојче кое исчезна пред шест дена во државата Западна Австралија (WA), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Марк МекГауен, премиерот на Западна Австралија (WA), даде изјава во врска со четиригодишната Клио Смит, која не е пронајдена, и покрај опсежните истраги откако исчезна од шаторот на нејзиното семејство на кампување северно од градот Карнарвон во Западна Австралија, во саботата, на 16 октомври.
Истакнувајќи дека награда од 1 милион австралиски долари ќе добие оној што ќе ја пронајде Клио Смит или ќе обезбеди информации што ќе доведат да биде пронајдена, премиерот МекГауен рече: „Мислите на сите граѓани на Западна Австралија се со семејството на Клио, кое е во незамисливо тешка ситуација. Ги повикувам сите што имаат информации за локација на Клио да ги споделат со полицијата.“
- Полицијата верува дека малата Клио е киднапирана
Кол Бланч, заменик началникот на полицијата, информирајќи дека повеќе од 100 полицајци се ангажирани за да го пронајдат исчезнатото девојче, рече: „Се надеваме дека ќе ја најдеме Клио жива, но сериозно сме загрижени за нејзината безбедност.“
Нагласувајќи дека мора да има некој што знае што се случило со детето за кое веруваат дека е киднапирано, Бланч додаде: „Доказите што ги собравме од местото на настанот нѐ наведуваат да веруваме дека таа е земена од шаторот. Има некој кој знае што се случило.“
Клио и нејзиното семејство поставиле шатор во кампот „Blowholes“ на 15 октомври и ноќта ја поминале таму. Следното утро, семејството забележало дека Клио не е во шаторот.
И покрај сите истраги што се спроведуваат откако семејство во полиција го пријавило нејзиното исчезнување, таа не е пронајдена.