Recep Şakar
23 Јуни 2019•Ажурирај: 25 Јуни 2019
МЕЛБУРН (АА) - Администрацијата на џамијата „Саншајн“ (Sunshine) во Мелбурн, која им припаѓа на Турците во Австралија, во дворот на верскиот објект изработи спортски терен, со цел да ѝ овозможи на турската и муслиманската младина да поминува повеќе време во џамијата, јавува Anadolu Agency (AA).
Спортскиот терен од вештачка трева се наоѓа во градината на џамијата „Саншајн“, која е една од најголемите џамии во Мелбурн. Станува збор за џамија која е дел од Турската исламска и културна асоцијација и дејствува под покровителство на претседателството за верски прашања.
На церемонијата на отворање присуствуваа претставници на политички партии, раководители на здруженија и граѓани.
По церемонијата беше организиран фудбалски турнир со учество на 10 екипи, меѓу кои се наоѓаа и екипи составени од млади по потекло од Турција, Босна и Херцеговина и Албанија.
Имамот на џамијата, Илјас Озкан, за АА изјави дека спортскиот терен ќе овозможи младите да бидат што подалеку од лошите навики.
Зборувајќи за вложувањето напори за оддалечување на младите од лошите навики како што се алкохолот, дрогата и коцкањето, Озкан нагласи: „Ние, подготвувајќи едно вакво игралиште, сакаме младите енергијата да ја трошат во кругот на џамијата. Младите што ќе дојдат тука, секако дека ќе влезат во џамијата, ќе се среќаваат со нас. Веруваме дека спортскиот терен ќе биде продуктивно место на кое младите ќе добијат морална поддршка и ќе стане средина каде што ќе можеме да разговараме со нив и да им дадеме одговори на нивните прашања.“
- „Убаво е да се игра фудбал заедно“
Младиот Јасин Икиз, изразувајќи го задоволството од изградениот спортски терен од страна на администрацијата на џамијата, рече: „За нас ќе биде многу добро. Децата секогаш сакаат да играат фудбал. Бидејќи спортскиот терен е во џамијата, ќе бидеме близу до нашата вера. Многу е убаво да се игра фудбал заедно.“
Сиро Но, по потекло од Франција, кој заедно со пријателите игра фудбал на спортскиот терен, рече: „Овој турнир овозможи младите да се соберат на едно место, тоа е добра и забавна работа. Тоа е и поентата. Играјќи тука фудбал, барем не правиме ништо лошо.“
По завршувањето на турнирот кој траеше во текот на целиот ден, администрацијата на џамијата организираше заеднички ручек за фудбалерите и присутните.