Авион се урна во Колумбија, загинаа сите патници
Меѓу загинатите е и Диогенес Кинтеро Амаја, пратеник во Претставничкиот дом, познат како еден од водечките гласови за правата на раселените лица во регионот Кататумбо
БОГОТА (АА) – Мал авион се урна во североисточниот дел на Колумбија, при што загинаа сите патници, меѓу кои и еден пратеник, соопштија локалните власти, јавува Анадолу.
Секретарот за граѓанска безбедност на департманот Норте де Сантандер, Хорхе Кинтеро, за телевизијата „Нотисијас Каракол“ изјави дека остатоците од авионот биле пронајдени од земјоделци во руралната област Курасика, во Општината Ла Плаја де Белен.
Тој соопшти дека загинале 13 патници и двајца членови на екипажот и дека на местото биле испратени неколку тимови за пребарување и спасување.
Гувернерот на Норте де Сантандер, Вилијам Виламизар Лагуадо, изјави дека „за жал, мора да соопштиме дека малиот авион е пронајден во горниот дел на заштитено подрачје во Општината Ла Плаја. Ги добивме првите снимки и се чини дека нема преживеани. Пронајдени се седум тела, а потрагата по останатите продолжува“.
Меѓу загинатите е и Диогенес Кинтеро Амаја, пратеник во Претставничкиот дом, познат како еден од водечките гласови за правата на раселените лица во регионот Кататумбо.
Авионот од типот „Бич 1900Д“, управуван од државната авиокомпанија „Сатена“, исчезнал од радарите во близина на градот Ла Плаја де Белен, во департманот Норте де Сантандер.
Леталото било на пат кон градот Окања, исто така во Норте де Сантандер, а слетувањето било закажано во 12:10 часот по локално време.
