Mehmet Alaca
21 Јануари 2022•Ажурирај: 24 Јануари 2022
АНКАРА (АА) - Авион на „Американ ерлајнс“, кој сообраќаше од Мајами кон Лондон, се врати на аеродромот, откако една патничка одбила да носи маска, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Откако авионот со 129 патници се вратил во Мајами, жената на возраст од околу 40 години, која одбила да стави маска, излегла од авионот во придружба на полицијата, јави „Би-би-си“ (BBC).
Во врска со случајот е започната истрага, а авиокомпанијата, патничката која одбила да носи маска, ја ставила на листата на лица на кои им е забрането летање со „Американ ерлајнс“.
Според податоците на Федералната управа за воздухопловство на САД, авиокомпаниите минатата година пријавија речиси 6.000 случаи, а 151 случај во првите две недели од оваа година, меѓу кои има многу патници кои ги прекршиле правилата со одбивање на носење маска, донесени во согласност со мерките против Ковид-19.