Ayhan Şimşek
21 Јануари 2022•Ажурирај: 24 Јануари 2022
БЕРЛИН (АА) - Во Германија денеска се регистрирани повеќе од 140.000 нови случаи на Ковид-19, што е највисока бројка досега, јавува Агенција Анадолија (АА).
Институтот „Роберт Кох“ (RKI) денеска потврди дека во изминатите 24 часа се потврдени вкупно 140.160 нови случаи на Ковид-19 и 170 смртни случаи како последица на заразувањето со вирусот.
Високозаразната варијанта Омикрон е причина за високиот број случаи, според Институтот, а варијантата сега опфаќа 89 отсто од последователните случаи на коронавирус во земјата.
Здравствените власти проценуваат дека во моментов 1.166.100 луѓе се позитивни на Ковид-19.
И покрај порастот на новите случаи, приемите во болница за Ковид-19 останаа релативно ниски, а властите пријавија во просек 3,77 хоспитализации на 100.000 жители.
Заклучно со вчерашниот ден, 2.447 пациенти се лекувале на одделите за интензивна нега, што е најниска стапка од средината на ноември. Повеќе од 3.100 кревети за интензивна нега до вчера беа слободни.
Претставници на јавното здравство предупредуваат дека иако поголемиот дел од случаите на Омикрон досега биле со благи симптоми, варијантата брзо се шири и сè уште може да го оптовари здравствениот систем доколку бројот на случаи продолжи драстично да расте во наредните денови.
Германската Влада ја интензивира својата кампања за вакцинација и планира да аплицира бустер доза на сите кои ги исполнуваат условите за тоа, со цел да го спречи ширењето на Омикрон.
Досега, околу 73 отсто од населението е целосно вакцинирано против Ковид-19, а речиси 50 отсто ја примило и бустер дозата.
Експертите велат дека бустер дозите се неопходни против варијантата Омикрон, бидејќи имунитетот здобиен од претходните дози почнува да се намалува со текот на времето. Третата доза обезбедува високо ниво на заштита од оваа варијанта, според прелиминарните лабораториски студии.