Ekipa
26 Август 2018•Ажурирај: 27 Август 2018
КАБУЛ (АА) - Авганистанскиот претседател Ашраф Гани одби да ги прифати оставките што му ги доставија министрите за внатрешни работи, одбрана и директорот на разузнавачката служба на таа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението од Кабинетот на авганистанскиот претседател се наведува дека оставките се неприфатлив потег во период кога таа земја се соочува со големи безбедносни предизвици и проблеми.
Синоќа од функцијата отстапи Мухамед Ханиф Атмар, советникот на авганистанскиот претседател за национална безбедност.
Атмар се сметаше за најблизок соработник на Гани и за втор најмоќен човек во Авганистан.
На негово место брзо е именуван Хамдулах Мохиб, досегашниот амбасадор во САД, но оставката на Атмар е најголем показател за несогласувањата во авганистанската Влада.
Авганистан е соочен со сè поголеми судири со талибанското движење чии милитанти неодамна го зазедоа градот Газни и голем број воени и полициски пунктови низ земјата.