Ekipa
26 Август 2018•Ажурирај: 27 Август 2018
АНКАРА (АА) - Иранскиот министер за надворешни работи, Мухамед Џавад Зариф, денес ги пофали односите на неговата земја со Турција, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Турција е водечка земја меѓу земјите со кои имаме добри односи“, изјави тој за Иранската државна телевизија.
Иранскиот шеф на дипломатијата изјави дека Техеран ќе соработува со Анкара за да го сузбијат пожарот во ирачкиот дел на мочуриштето Хоур ал Азим.
Тој изјави дека неговата земја ќе одржи разговори со Турција и Ирак со цел да се решат проблемите поврзани со животната средина и водите во регионот.
Зариф рече дека неодамнешните економски потешкотии во Турција биле предизвикани од психолошката атмосфера создадена од страна на Соединетите Американски Држави (САД).
Односите меѓу Турција и САД се нарушија откако американската администрација воведе санкции за двајца турски министри по одбивањето да се ослободи американскиот свештеник Ендрју Крег Брансон, кој во Турција се соочува со обвиненија поврзани со тероризам.
Американскиот претседател Доналд Трамп на 10 август ги удвои американските тарифи за увоз на турски алуминиум и челик.
Како одговор, Турција исто така ги зголеми тарифите за неколку производи од САД, вклучувајќи ги алкохолот, тутунот и возилата.
Политичките тензии меѓу Анкара и Вашингтон предизвикаа загриженост на пазарот, но турската лира забележа скок минатата недела, по позитивните пораки од европските престолнини и одлуката на Катар да инвестира 15 милијарди долари во Турција.