Ekipa
25 Мај 2016•Ажурирај: 25 Мај 2016
КАБУЛ (АА) - Авганистанските талибанци потврдија дека во средата нивниот лидер, Мула Актар Мансур, загина минатата недела во напад на американско беспилотно летало и дека е именуван негов нов наследник, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението за медиумите, бунтовничката група наведе дека за нов лидер го именувала досегашниот заменик на Мансур, Мула Хаибатула Акунџада. Се истакнува дека новиот водач е избран на состанок кој најверојатно се одржал во Пакистан.
Мансур беше убиен во Пакистан во саботата, кога возилото во коешто се наоѓаше беше погодено од страна на американски дрон и се верува дека тоа е прв пат на тој начин да биде убиен еден талибански лидер на територијата на Пакистан.
Акунџада е верски водач познат по објавувањето на соопштенијата во кои се оправдува постоењето на екстремното талибанско движење, војната на талибанците против авганистанската влада и војната против присуството на странски трупи во земјата.
Исто така се наведува дека се именувани и двајца заменици на новиот лидер, кои порано се сметаа за главни кандидати за највисоката позиција. Еден од нив е поранешниот заменик на Мансур, Сираџудин Хакани, а другиот е синот на Мула Омар, Мула Јакуб.
Талибанците во соопштението, исто така, ги повикуваат сите муслимани на тридневна жалост и единство по смртта на Мансур.
Од Пентагон е соопштено дека тој претставувал „непосредна закана за американските и коалиционите сили во Авганистан”.
Мансур застана на чело на талибанците по објавата на смртта на основачот на тоа движење Мула Мухамед Омар минатото лето. Како заменик на Омар, Мансур ја криеше неговата смрт повеќе од две години и ги предводеше талибанците во негово име сè додека авганистанската Влада не соопшти дека Омар е мртов.