Sayed Khodaiberdi Sadat
24 Декември 2021•Ажурирај: 25 Декември 2021
КАБУЛ (АА) - Талибанската администрација во Авганистан разреши 1.895 свои членови, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Инамулах Самангани, заменик-портпаролот на привремената Влада на талибанците, во изјава на својот профил на социјалните мрежи рече дека продолжува процесот на разрешување на членовите кои го злоупотребиле името и авторитетот на талибанците.
Наведувајќи дека досега се разрешени вкупно 1.895 членови на талибанците, Самангани додаде дека меѓу разрешените се наоѓаат некои од властите во провинциите.
Нагласувајќи дека некои од разрешените членови на талибанското движење се приведени, Самангани рече дека сослушувањето на некои од нив продолжува.
Тој додаде дека процесот го води Комисијата за чистка во своите редови.
Откако талибанската администрација на 7 септември формира привремена Влада во Авганистан, формирана е и Комисија за чистка во своите редови која започнала со работа.
Задача на Комисијата е да ги казни оние кои го злоупотребиле името на талибанците.
Од друга страна, талибанскиот лидер Мола Хибетулах Ахундзаде во изјава на 4 ноември ги предупреди талибанските команданти од опасноста од инфилтрирање во нивните редови.
Ахундзаде ги повика талибанските команданти „да направат проверки во нивните редови, да контролираат и да ги неутрализираат шпионите“.