İdris Sülün,Bilal Güler,Sayed Khodaiberdi Sadat
15 Октомври 2021•Ажурирај: 16 Октомври 2021
КАНДАХАР
Најмалку 30 лица загинаа во бомбашки напад врз шиитска џамија во авганистанскиот град Кандахар, јавува Агенција Анадолија (АА).
Досегашните официјални информации говорат дека во денешниот напад изведен од страна на двајца бомбаши самоубијци врз Џамијата „Фатимија“ која ѝ припаѓа на шиитската заедница во јужната покраина Кандахар, позната како база на талибанците во Авганистан, загинале најмалку 30 луѓе, а повеќе од 200 се повредени.
Службеникот надлежен за безбедноста на џамијата, Муртаза Зарифи, рече дека нападот бил изведен во текот на џума намазот, петочната молитва на муслиманите.
Станува збор за најголемата џамија во центарот на градот.

Талибанските сили ги блокираа сите патишта кои водат до џамијата во која се случи нападот.
Минатата недела беше изведен бомбашки напад врз шиитска џамија во покраината Кундуз, во северот на Авганистан, во кој починаа 46 лица.
Терористичката организација ДЕАШ презеде одговорност за нападот во Кундуз.
Откако силите на НАТО предводени од Соединетите Американски Држави (САД) ја напуштија земјата, бомбашките напади кои се случија во Авганистан беа концентрирани во Џалалабад.
ДЕАШ презеде одговорност за поголем дел од тие напади.