Bilal Güler
18 Декември 2022•Ажурирај: 19 Декември 2022
КАБУЛ (АА) - Најмалку 19 лица загинаа во експлозија на цистерна со гориво во тунелот Саланг, единствениот премин што ги поврзува северните авганистански покраини со главниот град Кабул, известува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на провинцијата Перван, Саид Химатула Шамин, потврди дека загинале 19 лица, а 32 лица се повредени во синоќешната експлозија на цистерна со гориво во тунелот Саланг.
Шамин наведе дека меѓу загинатите во несреќата има жени и деца, додавајќи дека има и луѓе што се заробени во тунелот, поради што постои можност за зголемување на бројката на загинати.
Мевлеви Хамидула Мисбах, портпаролот на Министерството за јавни работи на привремената талибанска Влада, за медиумите изјави дека голем број возила изгореле по експлозијата на цистерната што се случи синоќа.
Очевидците рекоа дека тунелот е затворен поради експлозијата и дека стотина луѓе останале блокирани. Пожарот што избувна по експлозијата е угасен дури во утринските часови.
Се дознава дека до експлозијата дошло поради превртување на цистерната со гориво.