Beyza Binnur Dönmez
06 Февруари 2024•Ажурирај: 08 Февруари 2024
ЖЕНЕВА (АА) - Канцеларијата на ОН за координација со хуманитарните активности (OCHA) предупреди дека е потребно да се стори сѐ што е можно за да се избегнат интензивираните непријателства во градот Рафа, на југот од Појасот Газа, што би можело да доведе до голема загуба на човечки животи, пренесува Анадолу.
„Можеме да предупредиме што би се случило со копнена инвазија и можеме да разјасниме што законот вели и според меѓународното хуманитарно право, дека неселективното бомбардирање на густо населени подрачја може да претставува воено злосторство. Да бидеме јасни, интензивните непријателства во Рафа во оваа ситуација може да доведат до големи загуби на цивилни животи и мораме да сториме сѐ што е во наша моќ да го избегнеме тоа“, изјави Јенс Лаерке, портпаролот на OCHA во Женева.
Израелскиот министер за одбрана, Јоав Галант, неодамна најави дека Рафа е следната цел на војската, тврдејќи дека тоа е последното преостанато упориште на палестинската група Хамас.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, училишта, верски објекти и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври минатата година.
Од почетокот на израелските напади на Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени најмалку 27.585 Палестинци, главно жени и деца, а ранети се повеќе од 66.978 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава.
Според податоците на Обединетите нации, 85 % од населението на Појасот Газа е интерно раселено и се соочува со акутен недостаток на храна, чиста вода и лекарства, додека околу 60 % од инфраструктурата во Појасот Газа е оштетена или уништена.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, но, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат Израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.