Ekipa
22 Април 2019•Ажурирај: 23 Април 2019
МАНИЛА (АА) - Претставниците на Anadolu Agency (AA) и Филипинската новинска агенција (PNA) потпишаа договор за соработка. Церемонијата на потпишување се одржа во Манила, на Филипините, при што е обновен договорот за соработка од 1997 година. Договорот го потпишаа, од страната на АА, заменикот генерален директор на АА, Мустафа Озкаја, и генералната директорка на Филипинската агенција Вирџинија Р. Арчила-Агтај.
На потпишувањето присуствуваа директорот на Одделот за маркетинг и корпоративни комуникации на АА, Јилмаз Јаман, и амбасадорката на Република Турција во Манила, Артемиз Сумер.

„Многу сме горди што оваа година одбележуваме 70 години од воспоставувањето на дипломатски односи. Верувам дека овој важен договор потпишан денес во голема мера ќе придонесе за развојот на економските, културните и туристичките врски на нашите земји“, изјави Сумер, која потсети дека Anadolu Agency, која е основана во 1920 година, ги објавува содржините на 13 јазици.
Во согласност со договорот, AA и PNA ќе разменуваат вести, фотографии и видеоснимки.
Заменикот генерален директор на АА, Озкаја, по потпишувањето на договорот изјави дека станува збор за обновување на договорот за соработка со PNA, која е најзначаен извор на вести од Филипините. Тој додаде дека АА придава важност во унапредувањето на соработката со новинските агенции низ светот.
Озкаја истакна дека обновениот договор преку брзо, доверливо и непристрасно известување ќе придонесе за унапредување на односите меѓу Турција и Филипините.