Sercan İrkin
19 Февруари 2025•Ажурирај: 20 Февруари 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - 232 невладини организации (НВО) кои дејстуваат во земјите кои учествуваат во производството и продажбата на борбените авиони Ф-35 ги повикаа владите вклучени во „програмата Ф-35“ да го прекинат снабдувањето со оружје и делови за Израел, известува Анадолу.
Споменатите 232 граѓански организации дадоа заедничка изјава со образложение дека Израел го прекршил меѓународното право и човековите права во Газа и на Западниот Брег.
Посочувајќи ги разорните ефекти од нападите на Израел врз Газа од 7 октомври 2023 година, во соопштението се бара итно запирање на целата продажба на оружје и делови на Израел, вклучително и Ф-35.
Во декларацијата се истакнува дека Израел предизвикал загуба на човечки животи во Газа и на Западниот Брег со употреба на воени авиони Ф-35, а се посочува и на кршењето на човековите права врз Палестинците.
Невладините организации истакнаа дека земјите-членки на Договорот за трговија со оружје не треба директно или индиректно да учествуваат во снабдувањето со воени материјали што може да го прекрши меѓународното право за човековите права.
Во соопштението се нагласува дека земјите вклучени во програмата Ф-35 не се во можност ефективно да ги спроведат контролите за набавката на оружје, истакнувајќи дека земјите или не сакаат да ги спроведат овие барања или претпочитаат „селективно“ да ги применуваат законите.
Посочувајќи на фактот дека земјите вклучени во програмата Ф-35 ја ратификувале Конвенцијата за геноцид, во соопштението се потсетува дека во рамките на конвенцијата, овие земји се обврзани да го „спречат и казнат“ геноцидот.