Ekipa
23 Декември 2019•Ажурирај: 24 Декември 2019
АНКАРА (АА) - Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) користат апликација за пораки, спуштена на милиони телефони, за следење на активностите на корисниците и шпионирање на нивните разговори, тврди денес американскиот весник „Њујорк тајмс“ (The New York Times), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Цитирајќи официјални американски претставници, американскиот весник вели дека земјите од Заливот ја користат апликацијата за да ги следат сите разговори, движење, врски, состаноци, аудио и слики на оние што ќе ја инсталираат на своите телефони.
„Њујорк тајмс“ пишува дека апликацијата „ToTok“ е последната ескалација во трката со дигитално оружје меѓу богатите авторитарни влади.
Според весникот, апликацијата е претставена пред само еден месец, а веќе е спуштена неколку милиони пати од продавниците на апликации „Гугл“ (Google) и „Епл“ (Apple) од корисници од Блискиот Исток, Европа, Азија, Африка и Северна Америка.
Најголем дел од корисниците на апликацијата живеат во ОАЕ.
Порталот за вести „The UAE TODAY“, денес објави дека апликацијата „ToTok“ е тргната од продавниците на апликации „Гугл плеј“ (Google Play) и „Епл ап стор“ (Apple App Store). Се очекува апликацијата целосно да биде исклучена, без обезбедување одредени детали.
Од властите на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) сè уште нема никакво произнесување во врска со веста на „Њујорк тајмс“.
Во текот на изминатата деценија, ОАЕ се критикувани од меѓународните групи за човекови права за детектирање, пронаоѓање и затворање на активисти за човекови права и новинари.