Haydar Karaalp
27 Февруари 2019•Ажурирај: 28 Февруари 2019
БАГДАД (АА) - Портпаролот на ирачкото Министерство за надворешни работи, Ахмед ес Сахаф, истакна дека Ирак ја поддржува независноста на палестинската држава, и упати апел за праведно и сеопфатно решение за арапско-израелскиот конфликт, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ние како Министерство, го поддржуваме формирањето и независноста на палестинската држава со главен град Кудс (Ерусалим). Ова е еден од непроменливите принципи на нашата надворешна политика“, рече Сахаф на прес-конференција во Министерството за надворешни работи во Багдад.
„Упатуваме апел арапско-израелскиот конфликт да се реши на праведен и сеопфатен начин“, нагласи Сахаф, упатувајќи благодарност до земјите кои даваат поддршка во таа насока палестинскиот народ да ги добие своите легитимни права.
Сахаф нагласи дека тие како Министерство ги следат настаните во Сирија и Јемен, каде што рече дека се за политичко решение со цел да се спречат тензии и поделби.
Истакнувајќи дека Ирак е успешен во борбата против тероризмот на ДЕАШ, Сахаф рече дека е започнат процесот за инвестирање и обнова на подрачјата во земјата кои претрпеле штета од тероризмот.
Од друга страна, министерот за надворешни работи на Ирак, Мухамед Али ел Хеким, на средбата со група медиуми одржана на 2 јануари во Багдад рече: „Го поддржуваме решението на израелската и палестинската држава за палестинското прашање“.
Оваа изјава на Хеким ги започна расправите дека „ирачкото Министерство за надворешни работи го признало Израел како држава“.
Некои пратеници во оваа земја ја критикуваа оваа изјава на ирачкиот министер, и упатија закана дека ќе поднесат барање за негова интерпелација до Парламентот.