Servet Günerigök
27 Февруари 2019•Ажурирај: 28 Февруари 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, ги повика властите на Индија и Пакистан на воздржаност во екот на ескалацијата на тензиите во кризниот хималајски регион Кашмир, пренесува Anadolu Agency (AA).
Помпео имаше телефонски разговор со шефицата на индиската дипломатија, Сушма Свараџ, и со пакистанскиот колега Шах Мехмуд Куреши.
„Во разговор со министрите повикав на воздржаност и избегнување ескалација на судирите по секоја цена“, наведе Помпео во соопштението објавено по разговорите.
Помпео, исто така, ги повика индиските и пакистанските власти да водат директна комуникација и дијалог, и да не посегаат по воени потези.
Пакистанските сили утринава соборија два воени авиона на Индија, а индиската Војска сруши пакистански бомбардер „Ф-16“.
Тензиите во Кашмир ексалираа на 14 февруари, кога во бомбашки напад беа убиени 44 војници во Индија. Индија за нападот го обвини Пакистан, а официјален Исламабад ги отфрли обвиненијата и го осуди тој напад.
Кризата во Кашмир датира уште од 1947 година кога Велика Британија го напушти тоа подрачје без решавање на статусот на регионот. Досега Индија и Пакистан водеа три војни во Кашмир, во кој 90 отсто од населението го сочинуваат муслимани.
Индија контролира околу 45 отсто од Кашмир, Пакистан околу 35, а Кина 20 отсто. Индискиот дел е наречен Џаму и Кашмир. Пакистан, на делот на Кашмир кој е под негова контрола му даде статус на две автономни територии наречени Азад Кашмир (Слободен Кашмир) и Гилгит-Балтистан.