Sarp Özer
08 Февруари 2017•Ажурирај: 08 Февруари 2017
АНКАРА (АА) - На 169. ден од офанзивата „Штитот на Еуфрат“, во рамките на операцијата за ослободување на градот Ал Баб од терористите на ДЕАШ, силите на Слободната сириска армија со поддршка на турските сили ослободија стратешки важни локации на ридовите околу центарот на градот, јавува Anadolu Agency (AA).
Офанзивата „Штитот на Еуфрат“ започна на 24 август 2016 година, во северниот дел на Сирија со цел да се неутрализира терористичката закана, особено од ДЕАШ, и за да се зајакне безбедноста во сириско-турскиот пограничен појас. Офанзивата ја спроведуваат сириските опозициски сили, а во согласност со меѓународното право за самоодбрана ја поддржуваат и турските сили.
Во соопштение на Генералштабот на турската војска се вели дека досега се ослободени речиси 2.000 квадратни километри простор во северниот дел на Сирија, на кој се наоѓаат 299 населени места.
Во изминатите 24 часа, копнените и артилериските турски сили во нападите уништија 189 терористички позиции, меѓу кои и важни засолништа, бункери и командни места на терористите на ДЕАШ.
Паралелно со тоа, турските воздушни сили гаѓаа и уништија 65 новооткриени позиции на ДЕАШ. Уништени се 58 објекти, згради на касарна, три влеза и тунели, две контролни места и воено возило што го користеле терористите.
Воздушните сили на меѓународната коалиција за борба против ДЕАШ извршија седум напади на позициите на терористите во градот Ал Баб.
Досега е утврдено дека во споменатите напади се убиени најмалку 58 терористи на ДЕАШ.
Силите на Слободната сириска армија поддржани од Турските вооружени сили, изминатата вечер ги интензивираа акциите во рамките на операцијата за ослободување на градот Ал Баб во северниот дел на Сирија. Силите на сириската опозиција зазедоа стратешки ридови во близина на центарот на градот и во моментов продолжува акцијата што има за цел да се ослободи градот во кој и понатаму има повеќе десетици цивили што терористите ги користат како жив штит.
Најмалку двајца турски војници загинаа, а 15 се ранети во утринските судири со терористите на ДЕАШ во северниот дел на Сирија. Од Генералштабот на турската војска е соопштено дека ранетите се префрлени во болниците во јужниот дел на Турција и дека тие не се животно загрозени.