Bayram Altuğ
08 Февруари 2017•Ажурирај: 08 Февруари 2017
ЖЕНЕВА (АА) - Претседателката на Комисијата за истражување на човековите права при Обединетите нации (ОН), Линеа Ардвидсон истакна дека не постојат зборови со кои соодветно би се опишало насилството врз муслиманите од Aракан во Мјанмар, јавува Anadolu Agency (AA).
Извештајот на Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации, објавен на 3 февруари, повторно ги донесе во центарот на светското внимание муслиманите од Aракан, кои се жртви на насилство.
Тој е составен врз основа на изјавите на 220 сведоци кои од Aркан избегаа во Бангладеш, а ја охрабри јавноста да реагира против владата и војската на Мјанмар.
„За време на посетата на Бангладеш, мојот тим и јас бевме шокирани од она што го слушнавме“, вели Ардвидсон, која е лидер на четиричлениот тим што го подготви извештајот.
Таа рече дека по објавувањето на извештајот ја контактирала советничката на претседателот на Мјанмар, Аунг Сан Су Кји, која ѝ кажала дека внимателно ќе го анализира извештајот и дека тој ќе биде сериозно сфатен.
Извештајот покажа дека 96 од 220 сведоци загубиле најмалку еден член од семејството, 131 лице се претепани и уништен е нивниот дом, а 91 лице се соочуваат со исчезнување на член од семејството. Покрај тоа, 88 од нив биле силувани, а 26 се повредени од огнено оружје или со прободување.
„Некои куќи беа запалени, луѓето беа малтретирани, а на некои од нив им беа убиени членови од семејството. Сите тие имаа еден вид лошо искуство. Имав можност да се сретнам со мајка чие дете е убиено пред нејзините очи“, рече Ардвидсон.
Таа додаде дека не може да се замисли оти полицијата или војската на која било земја, под изговор за безбедност убива бебиња и деца.
„Ниту една причина не може да ги озакони ваквите масакри. Сето ова што го слушнавме е шокантно“, истакна Ардвидсон, додавајќи дека во овие области и претходно се случувало насилство.
Таа истакна дека во минатото ваквите случаи во земјите се нарекуваа етничко чистење.
„Во извештајот подвлековме паралела со она што се случува во Мјанмар. Кога станува збор за геноцид, мислам дека нашата мисија е ограничена за да дадеме дефиниција, затоа што за таква дефиниција е потребна подлабока анализа. Многу е тешко да се докаже геноцидот, треба да имате одредени официјални документи“, рече Ардвидсон, која ја повика меѓународната заедница да направи нешто во врска со ова насилство и воените акции да прекинат.
Извештајот на Високиот комесаријат на ОН за човекови права покажува дека од 9 октомври минатата година, досега се убиени 400 муслимани од Aракан.